Најмоќната жена во светот не се осмелува да каже. Се разбира дека Ангела Меркел се надева дека Велика Британија ќе остане дел од Европската унија, но претпочита да не го каже тоа премногу гласно.
На 2 јуни Меркел направи мал исклучок што британските медиуми го опишаа како нејзина најсилна интервенција во дебатата за „Брегзит“ досега, па дури и прекинување на нејзиниот „самонаметнат молк“. За време на прес-конференција со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во кабинетот на Меркел, новинар од „Би-Би-Си“ ја праша германската лидерка дали ја загрижува можноста за излез на Велика Британија од ЕУ.
Во долг, но внимателен одговор, таа рече дека преговорите подобро се спроведуваат интерно отколку јавно. Таа навистина не изјави ништо незаборавно, освен, можеби, на крајот од прес-конференцијата кога рече: „Не сакам да предизвикам никакви недоразбирања, луѓето во Велика Британија се тие што треба да одлучат за тоа прашање“.
Но, во германските политички кругови се зголемуваат стравувањата од излезот на Велика Британија од ЕУ. Исто така, се стравува дека страсните повици од Германија за Велика Британија да остане во ЕУ може да имаат сосема спротивен ефект, при што ќе ги разгорат поддржувачите на „Брегзит“.
Порака од Велика Британија: Не мешајте се
Во медиумите се појавија информации дека Британците побарале од германските и од другите лидери на ЕУ да останат воздржани по ова прашање. Наводно, британскиот премиер Дејвид Камерон го побарал тоа за време на преговорите за посебна концесија за Велика Британија во февруари со другите лидери на ЕУ, со цел да го направи продолженото членство поатрактивно за својот народ. Пораката била европските лидери да останат надвор од дебатата, да не даваат изјави за британските медиуми и да не излегуваат во јавноста по повод решавање на прашањето во Велика Британија, така што поддржувачите на „Брегзит“ нема да можат да се свртат и да кажат: „Токму тоа ни пречи, тој бескраен патернализам и наметливост од Берлин и од Брисел“. Во неодамнешното интервју за „Шпигел онлајн“, претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, изјави дека ќе биде паметно и коректно да се молчи.
Во исто време, германската влада има многу причини да не молчи бидејќи излегувањето на Велика Британија од ЕУ би било катастрофално за Германија.
Германските политичари не ги загрижува само заканата од турбуленции на финансиските пазари или други економски последици. Велика Британија е третиот по големина трговски партнер на Германија, со вкупна вредност на извоз од 89 милијарди долари во 2016 година. Повеќе од 2.500 германски компании се активни во земјата. А, околу 3.000 британски компании имаат подружници во Германија. Во отсуство на единствениот пазар, овие тесни врски ќе станат покомпликувани.
Сепак, најважното за Германија има фундаментално значење. Европскиот консензус е суштински дел од повоениот идентитет на Германија; целта на обединета Европа како официјална национална цел е укотвена во германскиот федерален устав. Ако Велика Британија излезе од ЕУ, ќе ѝ нанесе голем удар, од кој тешко ќе може да се стабилизира. И тоа во време кога ЕУ веќе се наоѓа во средината на историска криза.
Во Берлин политичарите стравуваат дека „Брегзит“ дополнително ќе ги засили силите што се чини дека ја разнишуваат ЕУ – на исток, каде што европската солидарност е доведена до крајни граници; на југ, каде што економиите сѐ уште не закрепнале од кризата на еврото. И секаде каде што десничарските популисти и евроскептици се во пораст. Ако Британците си заминат, тоа може да испрати сигнал дека Европа се распаѓа.
Германскиот министер за финансии, Волфганг Шојбле, смета дека постои можност другите европски земји да го следат британскиот пример и да ја напуштат ЕУ.
– Тоа не може да се отфрли, тоа е теоретски разбирливо. На пример, би реагирала Холандија, како земја која традиционално има многу блиски односи со Велика Британија – изјави политичарот, член на конзервативната Христијанско-демократска унија на Меркел, за „Шпигел“.
На Германците им е потребна Велика Британија како противтежа на Франција
Но, тоа не е сѐ. Барањата од други земји-членки на ЕУ во иднина можат да бидат иритирачки, но има уште поголем проблем: На Германија ѝ е потребна Британија во ЕУ како партнер и како пазарноориентирана противтежа на социјалистичка Франција. Тоа стана уште поважно со неодамнешното заладување на односите меѓу Германија и Франција, двојка што порано се опишуваше како мотор на Европа. Во многу области, вклучувајќи го и единствениот пазар, слободната трговија, конкурентноста, намалувањето на бирократијата, а особено во економската и во финансиската политика – Германија и Велика Британија имаат слични интереси.
Без Велика Британија, која е постојана членка на Советот за безбедност на ОН и нуклеарна сила, важноста на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, исто така, драстично ќе се намали.
– Таа Европа ќе биде помалку ценета, предупредува вицеканцеларот Зигмар Габриел од централно-левичарската Социјалдемократска партија (СДП).
Советникот на Меркел за надворешна политика, Кристоф Хојсген, вели дека без Велика Британија како партнер, ЕУ нема да ја има истата тежина како и ЕУ со Британците. И покрај тоа што Велика Британија, се разбира, нема да исчезне од светската сцена, „Брегзит’, сепак, ќе ја принуди Германија да преземе поголема одговорност во рамките на ЕУ.
Воопшто не изненадува фактот што претставниците на германскиот кабинет овие денови внимателно ја следат секоја нова анкета во Велика Британија. Останување или напуштање? Во моментов, трката е исклучително тесна
Се верува дека Меркел сѐ уште не планира да им се додворува на Британците во финалниот натпревар на кампањата „Брегзит“. Но, зад сцената, германските функционери се подготвуваат за најлошото веќе некое време. Во интервју за „Шпигел“, министерот за финансии, Волфганг Шојбле, во обид да ги смири стравувањата, изјави дека ако е потребно, Европа ќе функционира и без Велика Британија.
Извор: Шпигел
Текстот е објавен во 198 број на неделникот Република, на 17 јуни 2016 година
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.