| четврток, 6 декември 2018 |

Едноставни трикови за совршена скара

Без разлика дали вчера сте ги завршиле подготовките за денешниот првомајски излет или пак допрва ќе пазарите мевце и пиење низ маркетите, еве неколку совети за како подобро да го подготвите месото на скара.

Ќебапи – Никогаш нема да погрешите подготвувајќи ги, зошто нема некој што не ги сака. Вкусни се, брзо се прават и фантастични се како прилог. Не е потребно да ги зачинувате, зошто претходно во месара сè е направено. Веднаш по вадењето од кесата, ставете ги на скара. Со ќебапите, јадете и големи количини лук. За љубителите на „мрсничко“ побарајте ролат-ќебапи завиткани во сланина или полнети со кромид или лук. Печете ги додека не поруменат.

Бело месо – Се подготвува брзо и едноставно, како ќебапите. Во месара можете да побарате зачинети филети или самите да ги зачините. Можете да го извалкате месото во вегета или соја, а за оние што сакаат позачинето и кари. Печете го додека не добие златеста боја, во просек – 10 минути.

Колбаси – Љубителите на овој специјалитет се мажи, кои не го конзумираат без шише пиво. Меѓутоа, ни жените не се имуни на овој месен специјалитет. Изберете црвени, благи или лути, по вкус. Печете ги на скара 10-15 минути и повремено превртувајте ги.

Кременадли – Омилен вид свинско кој е уште посластен на скараџиски оган. Се печат подолго од ќебапите и белото месо, но не се комплицирани за подготовка. Повремено превртувајте ги од едната и другата страна и премачкајте ја скарата со масло, за да не ви изгорат.

Свински врат – Уште една месна задолжителна ставка за скара. Потребно е да го полиете со масло месото и да го ставите да се пече. Повремено превртувајте го да добие убава црвена боја.

Зеленчук – Зеленчук на скара е одличен додаток за месо. При подготовка на овој сегмент од скараџискиот Први мај изберете: тиквици, модар патлиџан, црвени пиперки и шампињони. Потребно е само тенко да го исечете (со исклучок на шампињоните и пиперките) и да го зачините по желба со сол, вегета, бибер или друг зачин. Добра идеја е да си купите дрвени стапчиња на кои ќе направите микс-зеленчук. Печете пет до седум минути.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top