– Зошто ме спасувате, зошто не ме оставивте да умрам! Вака според очевидци на настанот заборувал битолчанецот Никола Мирчевски (67) додека траела акцијата за негово спасување кога самозапален и со автомобил-бомба удрил во столбот пред влезот на Основниот суд во Битола, пишува Деневник.
Очевидци на настанот беа неколкумина битолски муслимани што во понеделникот околу 4 часот кога се случил инцидентот излегувале од утринската молитва од Исак-џамијата, која е во непосредна близина на битолскиот суд. Тие не ни знаеле дека во пламнатиот автомобил има човек се додека Мирчевски не почнал да негодува.
– Само што тргнавме за да си одиме дома, видовме возило како со голема брзина вози од пожарната надолу по булеварот. Kога дојде пред судот, сврти лево и слушнавме голем тресок. Гледаме како возилото се заби во еден од столбовите. Отидовме да видиме дали има повредени, да не му треба на некој помош. Веднаш пристигнаа и полицајци зашто полициската станица е тука зад судот. Возилото се запали. Го зедовме противпожарниот апарат од судот за да гаснеме – раскажува очевидец, угостител од Битола.
Некој од присутните свикал дека ситуацијата е многу опасна зашто во возилото има гас, кој најверојатно го почувствувале по мирисот. Но битолчаните што го гаснеле огнот во возилото не се откажале од спасувачката акција. Kога го изгаснале пожарот во „аудито“, слушнале човечки глас и станале свесни дека внатре има жив човек.
– Слушнавме лелек и зборови „зошто ме спасувате, зошто не ме оставевте да умрам“. Бидејќи вратата од страната на возачот беше притисната врз ѕидот со жардиниери, почнавме да го туркаме возилото за да се направи простор да се извлече човекот. Мора да беше многу јак човек кога по сите повреди, успеа да се исправи на нозе, се потпре на вратата и излезе од возилото. Имаше стравотни повреди на главата, лицето му беше јагленосано, очите не го служеа. Глетката беше морничава – додава битолчанецот.
По ова, пристигнала брза помош, па го однесла повредениот во битолската Kлиничка болница, од каде што потоа го хоспитализирале во Градската болница во Скопје. Поради сериозните повреди и изгореници, тој е во животна опасност.
Битолчанецот Мирчевски на ваков самоубиствен чин се одлучил токму на денот кога требало да се јави во затвор за издржување затворска казна од 10 години и шест месеци за полов напад врз малолетната внука. Тој до последно тврдел дека е невин, иако му била изречена правосилна пресуда за обид за полов напад врз внука, со која живеел сам во куќа во Битола. Со адвокатот дури поднеле жалба до Судот за човекови права во Стразбур. Осудениот се заканувал дека ќе се самоубие ако треба да оди в затвор.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.