Почна снимањето на долгометражниот игран филм „Слобода или смрт“ по сценарио и режија на Владимир Блажевски. На првата клапа, во куќа покрај кејот на Вардар позади Железничката станица во Скопје, присуствуваа и министерката за култура Елизабета Канечска – Милевска, како и директорката на Агенцијата за филм на Република Македонија Мими Ѓоргоска Илиевска.
Филмот е сатирична комедија, копродукција со Косово, Србија и Словенија, ќе има 114 сцени, а ќе се снима 52 дена или околу 2,5 месеци на околу 80 различни локации во Скопје, Битола, околината на Гостивар, Дебар. Се најавува како тежок, обемен проект и прилично скап. Буџетот изнесува 1,4 милиони евра, а го обезбедија Агенцијата за филм, Еуроимаж и кино-мрежата на Југоисточна Европа.
Покрај Игор Ангелов на кого му е доверена главната углога, во „Слобода или смрт“ игра бројна актерска екипа. Гостуваат актери од Македонија, Србија, Словенија, Хрватска….
– За мене како автор, овој чин на почнување нов филмски проект е од посебно значење. Возбуден сум и збркан. Како и сите мои колеги, сметам дека секој нов филм ќе биде најдобар на свет. Тоа е природно за секој амбициозен автор. Многу искрено и страсно се надевам дека филмот ќе биде многу добар – изјави Блажевски кој во однос на актерите е убеден дека направил одличен избор.
Филмот, додаде, не е камерен, сниман на едно или неколку места, туку е постојано во движење.
– Се обидувам да направам нешто поинаку од претходниот филм кој беше улична документаристичка натуралистична драма со многу груб стил. „Слобода или смрт“ е замислен како потивко, поестетизирано дело што ме унеспкојува, зашто ваквата приказна бара многу повеќе. Претходната успеваме да ја направиме герилски, партизански, со многу малку средства, а сега станува збор за прилично скап проект – додаде режисерот.
Продуцентот Дарко Попов, пак, изрази задоволство што овојпат со Блажевски снимаат комедија, а не драма. Воедно нагласи дека е среќен што квалитетот на сценариото, покрај Агенцијата за филм, го препознаа и филмски центри надвор од Македонија. На Венис фајненшл геп форумот од 600 проекти влегуваат шест, меѓу кои, рече, помина и „Слобода или смрт“.
– Мислам дека комедијата ќе биде добра зашто уште сега, од материјалот што го гледаме, се смееме. Треба да бидеме смирени бидејќи филмот е обемен и тежок, но мора да се издржи, нагласи Попов.
Посакувајќи му успешна работа на режисерот и неговиот тим, Канческа Милевска изрази уверување дека филмот ќе биде целосно завршен оваа година, а идната публиката ќе може и да го види.
– Познавјќи го големото реноме на Блажевски, по „Панкот не е мртов“ кој беше претставен на преку 40 филмски манифестации и доби над 11 меѓународни награди, убедена сум дека ќе имаме исклучително добар филм, нагласи министерката.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


