| четврток, 6 декември 2018 |

Над 50 програмски термини на годинашното „Скопско лето“

На 21 јуни – првиот ден од летото и Светскиот ден на музиката ќе биде отворена 37-мата манифестација „Скопско лето“.

Манифестацијата ќе биде отворена со изложбата на скулптури „Обичен човек“ на Жарко Башески во галеријата Чифте амам и со гала оперски концерт на платото пред Македонската опера и балет

До крајот на јули во 41 ден ќе има повеќе од 50 програмски термини. Најмногу застапена ќе биде музиката со над 20 концерти на класична, народна и џез-музика. Ќе има десетина претстави од кои три премиерни (на Драмски театар, Албански театар и Театарот за деца и младинци), како и десетина атрактивни изложби во ликовната програма, од кои поголем број се организираат во соработка со Друштвото на ликовна уметност на Македонија (ДЛУМ).

Дел од „Скопско лето“ и годинава ќе биде програмата Кафе-кино, која ќе се одржува од 2-ри до 11 јули во Сули ан. Ќе има и ревија на најдобри филмови од фестивалот на анимиран филм „Анимакс“.

Организатор на „Скопско лето“ е Дирекцијата за култура и уметност на Град Скопје. Директорот Никола Глигоров на прес-конференција ја соопшти програмата, истакнувајќи дека се обиделе таа да има свежи и нови содржини или тие што веќе се прикажани да бидат видени на нови и интересни простори, пред се отворени, како плоштади, локации во чаршијата итн…

– Безмалку илјада уметници ќе се појават на сцените на „Скопско лето“, не сметајќи ги сите оние луѓе кои се во позадина, кои се логистика и помагаат во организацијата на сите активности. Најголем дел од нив се наши, домашни уметници, што е и една од определбите на „Скопско лето“ – афирмација и презентација на домашното творештво. Тие ќе се претстават и како поединци, но и како членови на национални културни установи од Скопје и од други градови од Македонија. И годинава околу една третина од вкупните програмски термини се со меѓународен предзнак, со гости од странство, од 15-ина држави, пред се од Европа, од нашите соседни држави и од САД, рече Глигоров.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top