„Авалон продукција“ продолжува со објавата на големи и значајни музички настани оваа сезона во Македонија. Имено, со концертот на Дејви Гета (David Guetta), започна соработката помеѓу „Авалон продукција“ и „Македонски телеком“ за реализација на концерти и настапи на познати музички ѕвезди. По успешниот музички спектакл „Skopje Calling 2016“, во рамки на историското концертно лето во Македонија, ќе се случи еден концерт којшто навистина со право ги носи префиксите историски и суперексклузивен.
– Концертот на Енрике Иглесијас во Скопје, кој ќе се одржи на 20 јуни во ВИП Арената во СЦ „Борис Трајковски“ е историски затоа што првпат во Македонија доаѓа пејач којшто е од А-листата на светски изведувачи, а суперексклузивен е затоа што капацитетот на салата во СЦ „Борис Трајковски“ (само 8000 карти ќе бидат пуштени во продажба) е убедливо најмал од сите простори кои Енрике во последниве десетина години настапувал низ светот – велат од „Авалон“.
Најпопуларниот латинозаводник во Скопје доаѓа во рамките на светската турнеја „Sex and Love“ во која го промовира својот последен студиски албум.
-На македонската публика ќе и` се претстави со сите негови досегашни хитови, вклучувајќи ги последните и можеби најпопуларни „Bailando“, „El Perdon“, потоа, „Not in Love“, „Hero“. „Tonight“, „Bailamos“, „I like it“…, кои несомнено беа на челните позиции на разни топ-листи во светот, информираат организаторите.
Енрике Иглесијас планетарната слава ја доживува со плочата „Enrique“ четири години подоцна, додека следните албуми „Escape“, „Quizas“ и „Insomniac“ дополнително му ја зацврстија позицијата како еден од водечките пејачи на светската сцена.
Кралот на латино поп музиката, како што медиумите го нарекуваат Енрике, продал над 140 милиони албуми ширум светот, а исто така тој е еден од ретките изведувачи, чиј хит сингл „Bailando“ има преку милијарда прегледи на Јутјуб, кој му обезбеди и место во Гинисовата книга на рекордите. Тој е единствениот музички артист кој дури 13 пати бил на првото место на „Bilboard dance“ листата, а соработувал и со бројни светски ѕвезди и освоил значајни награди, меѓу кои и: „Grammy“, „Bilboard“, „American music award“.
Од „Авалон“ информираа дека соработката со Македонски Телеком ќе продолжи во текот на целата концертна сезона на Авалон Продукција, каде најголемата македонска компанија ќе биде генерален спонзор на концертите на Nicky Romero & Lost Frequencies, Al Di Meola и The Prodigy, во рамките на фестивалот Ohrid Calling 2016.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.