| четврток, 6 декември 2018 |

Хокеарите се комплетираа во Јесенице, желбата е настап на СП

hokeari

Македонската репрезентација во инлајн-хокеј ги комплетираше своите редови, па од денеска ќе почне со тренинзи со комплетен состав како дел од подготовките за квалификациите за пласман на СП. Селекторот Јуре Внук од синоќа ги има на располагање и последните тројца репрезентативци, Иван Бачовски, Дмитриј Прокудин и Боштјан Кос, по што во следниот период ќе се тренира со засилено темпо, по два пати дневно, за „црвено-жолтите“ максимално подготвени да влезат во овие квалификации.

Претстојниот квалификациски циклус ќе се игра од 22 јуни во Стајнфорд, Австрија, нашите репрезентативци горат од желба за настап на мундијалот, но реално гледано шансите за пласман на СП во Братислава се минимални со оглед на фактот дека од осумте селекции учесници, само една ќе обезбеди мундијалски билет.

Македонија е дел од групата А, каде за противници ќе ги има Бугарија, Србија и домаќинот Австрија, при што реална цел за нашите репрезентативци е бележење на две победи, резултатот што во секој случај би бил значаен успех на оваа репрезентација.

Првиот натпревар од овие квалификации Македонија ќе го игра на 22 јуни во 16 часот против Бугарија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top