Седик Матин, таткото на масовниот убиец од Орландо, Омар Матин, напиша денеска на неговиот Фејсбук профил дека чувствува тага и дека „Господ треба да им суди на хомосексуалците“, пренесува БТА.
– Господ да им суди на хомосексуалците за нивните дејствија, а не тие кои му служат. Чувствувам тага од оваа вест. Нека бог им суди на младите и нека им дозволи да го следат патот на вистинскиот ислам, изјави Седик Матин, облечен во темен костум и црно-црвена вратоврска. Тој се обрати на јазикот дари – едниот од двата официјални јазици во Авганистан, застанат пред авганистанското знаме.
– Ова е тажна вест. Се прашувам зошто тој го направил ова во светиот месец Рамазан. Мојот син Омар Матин беше добар човек. Беше женет и татко на едно дете. Тој го почитуваше семејството. Не знаев дека тој има таква омраза во срцето, додаде таткото на масовниот убиец од Орландо.
Тој објасни дека неговиот син работел во фирма за обезбедување, која му дала оружје. Тој се извини за злоделото на неговиот син и порача дека секогаш го учел Омар дека тероризмот и „Исламска држава“ не се во ред и мора да бидат уништени.
– Не разбирам. Отишол во клуб за хомосексуалци и убил 50 луѓе, напиша Седик Матин во пораката на Фејсбук.
Инаку, официјалните власти денеска ја коригираа бројката на убиените во клубот на 49 лица.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.