Светски познатата мецосопранистка Елина Гаранча од Латвија, една од најголемите и една од најубавите оперски диви на денешнината, ќе го отвори годинешново 56-то издание на најпрестижната манифестација Охридско лето.
На 12 јули на Античкиот театар со Оркестарот на Македонската опера и балет а под диригентската палка на Ион Марин од Австрија, Гаранча ќе изведе популарни арии на Глинка, Чајковски, Масне, Сен-Санс, Гуно, Бизе, Чапи, Лара, Пучини.
-Елина Гаранча е оперска ѕвезда со исклучително високо реноме, певица која критиката ја нарекува „Изведувач кој со сигурност ќе им се приклучи на великаните“, уметник кој редовно настапува во Метрополитен операта во Њујорк, Виенската опера, операта во Франкфурт, Париз и на оперските сцени ширум светот. Уверена сум дека на 12 јули на Античкиот театар ќе бидеме сведоци на едно врвно уметничко претставување, кое ќе ја освои и стручната јавност и македонската публика, вели министерката Елизабета Канческа Милевска.
На програмата ќе бидат застапени преку 50 музички настани, девет театарски претстави, пет изложби и осум филмови од богатата кинематографска ризница на најстарата продуцентска куќа во нашата држава, „Вардар филм“. Република Македонија и градот Охрид ќе бидат домаќини на вкупно 800 врвни уметници, изведувачи и автори од 18 земји од целиот свет, од САД, Франција, Шпанија, Германија, Турција, Албанија, Казахстан, Естонија, Црна Гора, Хрватска, Словенија, Бугарија, Романија, а за прв пат на фестивалот ќе се претстават изведувачи и од Монако.
-Спремни сме да ги пречекаме сите уметници и гости кои ги очекуваме од странство како и да бидеме добри домаќини за сите наши уметници и љубители на уметноста. Голем е бројот на оние кои веќе бараат резервација за свеченото отворање иако сеуште ја немаме откриено звездата на вечерта. Тоа сепак кажува дека Охридско лето по традиција нуди квалитет кој го препознаваат и надвор од нашите граници, потенцира директорот на Фестивалот, Оливер Арсовски.
Тој подвлече дека целта е да се зголеми продажбата на билетите.
-Со купување на билет за настаните на „Охридско лето“ се дава огромна подршка на културата и развојот на културните вредности. Со вакви заложби и во иднина ќе се промовира уметноста и културниот туризам и надвор од државата. Само на тој начин ќе го продолжиме градењето на културниот просперитет на државата, вели Арсовски.
Селекторите на музичката и драмската програма, Гордана Јосифовска-Неделковска и Ѓорѓи Јолевски сметаат дека годинешнава програма нуди неповторливи настапи на светски познати имиња и ансамбли од музичката и драмската уметност. Низа ексклузивни настани меѓу кои се концертите на виолинистот со интернационално репутација Максим Венгеров кој ќе реализира концерт после еднонеделната академија во Охрид, потоа виолинистите Вадим Репин, Роман Симовиќ, пијанистите Фазил Сеј, Ана Винитскаја, легендарниот Артуро Сандовал од САД кој ќе настапи во својот секстет и мн. други. Тука се, се разбира, и концертите на нашите македонски ѕвезди како Ана и Игор Дурловски, Љубиша и Маја Кировски, настапот на младиот македонски виртуоз на гитарата Дамјан Пејчиноски и многу други врвни уметници.
– И оваа година нашите заложби се фестивалот да има квалитетна и атрактивна програма во текот на сите 40 фестивалски денови. Од успешноста на изборот на програмата зависи и реномето на фестивалот кое според домашната, но и странска стручна критика, последниве години оди во нагорна линија, а со тоа градот Охрид претставува значајна светска уметничка сцена и голема културна метропола. Традиционално имаме неколку ексклузивни проекти на кои учествуваат легендарни имиња од светската музичка сцена. Тоа се имиња на уметници по кои се паметат фестивалските изданија, вели селекторката на музичкиот дел на програмата Гордана Јосифова Неделковска.
Драмскиот селектор Ѓорѓи Јолевски најави дека овогодинешната драмска програма на 56то издание на Охридско лето 2016 година е посветена на великанот на драмската уметност Вилијам Шекспир.
-Светот го чествува јубилејот 400 години од смртта на театарскиот гениј. Токму затоа мотото на овогодинешната програма е ,,славејќи го Шекспир ја славиме слободата“. Во тој контекст неговите дела „Магбет“, “ Сонети“, “ Комедија на грешки“ и “ Ноќ спроти водици“ од различни страни на светот, на различни јазици и од различни култури ќе ги освојат сцените на Долни Сарај и предворјето на Света Софија како совршени театарски простори во Охрид, рече Јолевски .
Оваа година ќе го видиме најновото дело на режисерот Александар Баргман од Русија кој го поставува Ремарк со делото „ Бар Ремарк“ според „Тројца другари“ , многу познати режисерски имиња како Јернеј Лоренциј со „ Спобудалената локомотива “ – Виткиевич, Дијана Добрева со „Магбет“ Шекспир и Сердар Билиш со „Ноќ спроти водици“ Шекспир кои ќе се придружат на семејството режисерски великани како што се Питер Брук, Томаж Пандур, Александар Морфов, Јозеф Наѓ, Иван Поповски, Бушра Уеизрен, Харис Пашовиќ, Егон Савин, Нада Кокотовиќ, Јавор Грдев, Диего Де Бреа, Сергеј Федотов, Андраш Урбан, Паоло Маџели, Љубиша Георгиевски, Владо Цветановски, Слободан Унковски, Дејан Пројковски, Александар Поповски…
Затворањето на 56то издание на Охридско лето пак ќе се случи како алхемиски проект на Горан Трајковски насловен како “ На светов убавина “ кој својата театарска музика од последнава декада ја преточи во концерт на театарска музика која што е идеален проект за симбиозата театар и музика – суштината на Интернационалниот фестивал Охридско лето.
Охридско лето по традиција нуди програма за сите вкусови и генерации, сето тоа вклопено во неповторлив природен и духовен амбиент каков што е Охрид, смета охридскиот градоначалник Никола Бакрачески.
Што се однесува до концептот на Фестивалот, првиот човек на Охридско лето, Арсовски, рече дека иако нема многу што да се менува ќе се воведат содржини кои ќе бидат привлечни и атрактивни за пошироката публика во делот на дополнителна програма.
-Како новини кои ги планираме ќе бидат и одредени уметнички активности што би се реализирале на охридските сцени во текот на целата година, надвор од вообичаениот фестивалски термин: настапи на црковни хорови за време на позначајните верски празници, новогодишни свечени концерти, манифестации кои би се реализирале во време кога во Охрид има позначаен број туристи, изјави Арсовски.
И годинава Охридско лето ќе биде со нов дизајн на рекламниот материјал, редизејнирана веб страна по теркот на светските фестивали достапна на македонски и англиски јазик преку која голем број љубители на музиката и театарот ќе се информираат за фестивалот, програмата, најновите вести, настаните….. Со тоа, велат од Охридско лето, посебно внимание ќе се посвети на привлекување на публика од надвор со што ќе се оди кон зголемување на процентот на продажба на влезните билети.