Шестмина професори, еден демонстратор и сопственикот на бифето на Економскиот факултет при УКИМ во Скопје со години имале разработена развратна шема за наплаќање на преодните оценки. Од студентите барале од 500 до 1.000 евра, а постојат и индиции за наплата со сексуални услуги. На денот на акцијата „Еразмус“ на факултетското паркиралиште кај еден од нив, поранешниот декан Бобек Шуклев, биле најдени претходно обележани 1.000 евра земени како поткуп. Обележани биле и други 1.000 евра. Од Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција тврдат дека, освен доказите обезбедени со примена на таканаречените посебни истражни мерки, имало и други докази. Предистражната постапка траела подолго време, уште од 2015 година. Меѓу звучните имиња во шемата бил и член на МАНУ. И токму звучните имиња и угледот во општеството ги спасиле од притвор.
Акцијата ја извади на виделина корупцијата во високообразовните институции. Тоа што со години се говори дека во високото образование постои поткуп, оценки без знаења, па и разврат, мобинг, уцени, акцијата „Еразмус“ го покажа на Економскиот факултет, но тоа не значи дека таа практика ја нема и на други високообразовни единици.
Иако за тоа се говори со години и научната фела е декларативно против таквите дејства, евидентно по акцијата изостана нивната реакција. Нема реакција од професорите, нема реакција од помладите колеги, нема реакција од студентите. Ги нема ниту оние, најгласните што се противеа на реформите во високото образование, обединети под именителот „Професорски пленум“, ниту оние од „Студентскиот пленум“, од кои дел се претопи во актуелните улични бојосувачи откако се покажа нивната политичка заднина.
Ги нема професорите да ја осудат корупцијата, ниту дури во облик на пресумпција на невиност, ниту, пак, да ги заштитат дел од колегите ставени во непријатна ситуација да бидат присилени да платат, во готовина или во услуги, ниту оние што се онеправдани со учење да бидат изедначувани со оние со подлабок џеб. Нема ниту осуда на бланко заштитата на криминалното однесување од опозицијата која веднаш препозна политичка заднина и демонстрација на сила.
Сето тоа навраќа на периодот околу преминот од 2014 во 2015 година кога актуелна тема беа реформите во високото образование.
Тогаш група професори што одбиваа да се вклучат во дебатата за реформите организирана во еден хотел, со сексуална инсинуација се подбиваа дека „ако им влеземе сега во хотел, утре ќе побараат од нас да влеземе и во апартмани“. Тогаш беше оценета како „брилијантно и духовито“. Деновиве акцијата „Еразмус“ на Економскиот факултет ја откри суровата вистина дека токму нивни колеги делеле покани за хотели и апартмани за положување на студент(к)ите. А, тоа е далеку од духот на брилијантно и духовито, туку е трагично, деградирачки и омаловажувачки.
Со неподнослива леснотија на импровизација некогашните гласни професори остануваат збунети и денес. Се нема став дали петстотини или илјада во евра, па и по некоја сексуална услуга, секако, секому според апетитите, придонесува во развојот на академската слобода и автономија.
Кога спротивно на тогашните пленумците се појави и друга група од 200 професори кои имаа желба да помогнат во промените на универзитетското образование, во својата платформа за дејствување наведоа и спротивставување на „бизнис-интересите, профитерите и манипулациите“, односно „Велиме гласно „не“ за купените дипломи; „Не“ за оценките со протекции; „Не“ за нелојалната конкуренција во и меѓу факултетите и универзитетите“, стоеше во нивната иницијатива.
– Зар не е упад врз автономијата кога дел од професорите ги користат позицијата и универзитетот за свое лично богатење и се однесуваат како тоа да е нивна приватна фирма … Не е само јавна тајна, туку секојдневие е пишувањето оценки без знаење, без појавување на студентот на факултет и слично – посочи тогаш проф. д-р Тања Каракамишева-Јовановска.

Во 2010 година ресорното министерство отвори канцеларии во сите пет државни универзитети за превенција и борба против корупцијата и заштита на правата на студентите. Преку апликација на интернет студентите можеа, јавно или анонимно, да ги пријавуваат проблемите со кои се соочуваат во образованието.
Сега првата таква канцеларија, отворена токму на Економскиот факултет, не работи, исто како што не работи ниту на Правниот факултет „Јустинијан Први“. Никој не пријавил поткуп. Причината, можеби, лежи во перцепцијата од истражувањето од 2012 година кога над 28 проценти од студентите во Скопје се изјасниле дека пријавувањето на неправилностите нема да промени ништо. Една петтина од испитаниците се плашеле од одмазда. Сепак, истражувањата покажуваат дека четири од десет студенти на УКИМ имале лично искуство со поткуп, а секој втор студент сметал дека на неговиот факултет има непотизам. Околу 80 проценти од анкетираните студенти на Правниот, Економскиот, Филозофскиот и на Филолошкиот факултет рекле дека на нивниот факултет има непотизам и врски при полагање на испитите.
– И сега, како и тогаш (во 2014 година, н.з.), сметам дека воочените проблеми во високото образование мора да се кажуваат јавно, дека проблемите со купување оценки, па дури и дипломи, не само на дипломски, туку и на постдипломски, па и на докторски студии, не треба да се ставаат под тепих – вели денес Каракамишева-Јовановска.
Сексуалните услуги и злоупотреби што се спомнуваат по акцијата „Еразмус“ не се однесуваат само на односот студент – професор. Извори од УКИМ, и од студентите и од професорите, посочуваат дека многу често токму тие услуги се отскочна штица дури и за академска кариера. Се посочуваат примери дека сексуалните услуги, давани од студентски времиња, подоцна се валоризирале на ниво на колеги, односно како основа за унапредување во кариера на УКИМ. Во таа насока, истите извори посочуваат и на мобинг од постарите професори кон асистентите или доцентите. Така, постои цел еден систем на зависност на помладиот кон постариот кадар, која често создава и обврска за интимна поврзаност, многу пати и без волја на помладите колеги.
Прашана за таквите односи на факултетите, Каракамишева–Јовановска посочува на системот на целосна зависност на помладиот кадар исклучиво од рецензентското мислење на постарите професори на истата установа, што креира систем на вазалска покорност и создава „робови” кои се целосно впрегнати да работат исклучиво за интересите на постарите професори.
– Тажно е што помладите колеги се чувствуваат исфрустрирано без можност да сторат нешто за да си ги заштитат своите интереси, па и своето достоинство како личности. Оваа состојба мора да се решава. Академската заедница не смее да дозволи да остане во времето на робовладетели и робови. Мора да најдеме сила да ги посочиме и секако надминеме проблемите што несомнено се присутни во високото образование.
Од друга страна, не смее да се дозволи неколкумина корумпирани професори да создаваат генерална слика за сите професори.
– Не смееме да дозволиме корумпираните професори да се кријат зад тие што не се корумпирани и да профитираат зад грб. Ако го дозволиме тоа и постојано го игнорираме овој проблем, практично и ние стануваме соучесници. Никој, а најмалку универзитетски професор кој по дефиниција треба да биде пример за помладите генерации, не смее да остане без казна за сторените и од суд докажани коруптивни активности. Студентите треба да се охрабрат да ги пријавуваат корумпираните професори. Откривањето на корупцијата е сложен и мошне тежок процес во кој, ако сакаме да заврши со успех, мора да бидат вклучени сите инволвирани страни – студентите, професорите, универзитетските тела и, секако, државните органи кои имаат обврска да се справуваат со овој вид криминал. Се работи за меѓусебно поврзани активности за кои, за да имаат успех, е потребна заедничка посветеност за ставање крај на корупцијата во оваа сфера – додава професорката Каракамишева–Јовановска.
Клопчето на корупцијата во високото образование почна да се одмотува. Тоа што од таму се очекува е академската заедница, вклучително и студентите, да застане во борба за расчистување на овие внатрешни случувања кои ги надминуваат рамките на корупција, за дури потоа навистина високото образование да си го врати угледот и да се дискутира за автономијата.
Пишува: Наум Стоилковски
(Текст објавен во 197. број на неделникот „Република“, 10.06.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


