| четврток, 6 декември 2018 |

Обвинителството истражува случај на поткуп при посвојување деца

Постапувајќи по допрен глас, по објавите во медиумите за случај на наводен поткуп во постапка за посвојување на деца, надлежен јавен обвинител од ОЈО Скопје презеде многубројни дејствија за утврдување на фактите во предметот.
Како што информираат денеска од Обвинителството, прибрана е целокупната документација од Јавната установа – Меѓу општинскиот центар за социјална работа Скопје, а во врска со водењето постапка за посвојување на дете од страна на лицето кое како оштетена го објави случајот преку телевизиски настап. При тоа, оштетената објави наводни незаконитости во процесот на посвојување, според кои, откако како на потенцијален иден законски застапник на детето и бил побаран поткуп и истиот не бил даден, таа била експресно обвинета и осудена за семејно насилство.

– Обвинителството ја прибра и релевантната документација од Министерството за труд и социјална политика и од Јавната здравствена установа Геронтолошкиот завод „13 ноември“ Скопје. Беа сослушани 11 лица во својство на сведоци. Меѓу повиканите беа и претставници на Меѓуопштинскиот центар за социјални работи Скопје, Геронтолошкиот завод, поранешен министер за труд и социјална политика, како и вработена од детска градинка во која престојувало детето, се наведува во соопштението од Обвинителството.

Оттаму посочуваат дека по повеќемесечно интензивно постапување во предметот и прибирање на материјалните и вербални докази, како и нивно разгледување и анализа, надлежниот обвинител цени дека во моментов не се создадени услови за финално донесување на јавно обвинителска одлука.

– Но поради сериозноста на податоците до кои дојде јавниот обвинител, има потреба од натамошно проучување и испитување на сомнежите за евентуално сторено кривично дело и утврдување на евентуална кривична одговорност на сторителите, додаваат од Обвинителството.

Постапувањето на јавниот обвинител во предметот, како што посочуваат од Обвинителството, ќе продолжи во континуитет, се до целосно утврдување на фактите и донесување на јавно обвинителска одлука.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top