Македонскиот шампион, екипата на Вардар, в понеделник го напушта Скопје и во следните три недели ќе се подготвува во Австрија и во Хрватска. Во Австрија базата е Бад Тацмандорф, познат центар каде што неколку пати гостуваше и македонската репрезентација, додека во Хрватска ќе се работи во Свети Мартин. Првата фаза ќе трае од 13 до 23 јуни, а втората од 23 јуни до 4 јули, по што следува враќање дома.
Пред тргнувањето, раководството на тимот успеа да договори пет противнички екипи со кои ќе одиграат пријателски средби во оваа фаза од подготовките. Фудбалерите можат да бидат задоволни од нивните имиња бидејќи станува збор за екипи со искуство во групната фаза од Лигата на шампионите. Прв на мегдан ќе излезе австрискиот Штурм, петтопласиран во домашното првенство и овој меч ќе се одигра на 18 јуни. Четири дена подоцна е дуелот со словачки Спартак Трнава, а на 25 јуни и со хрватскиот првак Динамо Загреб. Последен тест е оној со вицешампионот на Словенија, Марибор, кој е закажан за 3 јули, но во меѓувреме Вардар ќе одигра уште еден натпревар, на 29 јуни, а противникот ќе биде дополнително одреден. За време на престојот во Австрија, фудбалерите на скопскиот тим ќе го дознаат противникот во второто квалификациско коло од Лигата на шампионите, чијашто ждрепка ќе се одржи на 20 јуни.
По враќањето од Хрватска, вардарци ќе имаат само една недела за приспособување и финални подготовки бидејќи првиот натпревар од второто квалификациско коло на ЛШ се игра на 12 или 13 јули.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.