Месецот на рамазански пости се совпаѓа со одржувањето на Европското првенство, а тоа претставува проблем за голем број фудбалери кои се со муслиманска вероисповед.
Најпогодена е репрезентацијата на Турција во која сите 23 фудбалери се муслимани. За време на Рамазан, на исламските верници им е забрането од рано наутро, па се до зајдисонце да консумираат каква било храна, течности (вклучувајќи и вода), како и сексуални односи и пушење цигари.
Турција в недела го игра својот прв натпревар на ЕП против Хрватска, а многубројни новинари побараа одговор од селекторот Фатих Терим и некои репрезентативци дали ќе се придржуваат до правилата на Рамазан за време на ЕП или ќе ги заобиколат строгите одредби од Куранот.
– Рамазан е многу важен за нас, но тренинзите и натпреварите на секој трет ден на ЕП бараат многу голема енергија. Здравјето на моите фудбалери е на прво место. Играчи можат да постат, но не на деновите кога ќе играме натпревари – изјави турскиот селектор Фатих Терим.
Терим од турските верски лидери доби дозвола играчите да не постат само на деновите кога ќе играат натпревари, но не и во останатите денови.
Интересно, германскиот репрезентативец Месут Озил изјави дека нема намера да се придржува до рамазанските пости бидејќи така го ризикува своето здравје.
– Во тој режим не би успеал да го издржам турнирот во Франција – изјави германскиот репрезентативец.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.