Детското ликовно студио „Св.Кирил и Методиј“-Битола соопшти дека нивната членка, осумгодишната Ангела Филовска го освои највисокото признание, наградата Гран При што ја доделува Меѓународниот детски ликовен фестивал во Канагава, Јапонија.
Во изјава за МИА, раководителот на студиото во Битола, Коста Хаџиантоновски истакна дека ова признание е едно од најголемите во историјата на детското ликовно студио „Св.Кирил и Методиј“ од овој град.
– Не можеме да ја опишиме радоста. Ова е нашиот најголем успех, рамен на сензација. Но ова е и извонреден успех на 8-годишната Ангела Филовска која ја освои наградата Гран При во Јапонија. Да се биде најдобар во конкуренција на 24.000 детски цртежи што ги изработиле деца од 91 држава во светот, тоа е голема работа, изјави Хаџиантоновски.
На 17-тото биенале во Канагава наградена е и Викторија Јовановска, исто така членка на детското ликовно студио „Св.Кирил и Методиј“-Битола, а посебно фестивалско признание освен на студиото, доделено му е и на раководителот Коста Хаџиантоновски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.