| четврток, 6 декември 2018 |

„Златен објектив“ за филмскиот режисер Кирил Ценевски

Режисерот и сценарист Кирил Ценевски е добитник на наградата „Златен објектив“ за 2013 година, која Кинотеката на Македонија ја доделува за исклучителен придонес во македонската кинематографија. Одлуката ја донел одборот за наградата, а беше соопштена на прес-конференција денеска, кога  Кинотеката одбележува 37 години постоење.

Наградата на Ценевски ќе му биде врачена на 27 октомври, на Светскиот ден на аудиовизуелното наследство, кога ќе биде прикажана ретроспектива на негови филмови. Тој е автор со голем број филмски награди, меѓу кои и тие за неговиот најнаградуван филм „Црно семе“ од 1971 година (на фестивалите во Пула, Москва, Авелино,  југословенски кандидат за Оскар во 1972 и награда „11 Октомври“). Со „Црно семе“ Ценевски е влезен  во листата на УНЕСКО „Спомени на светот“. Ценевски (1943) е режисер и на играните филмови „Јад“, „Оловна бригада“, „Јазол“…, и на документарци, меѓу кои и тие посветени на неколку добитници на „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата, како и за самиот поетски фестивал.

– Имаше повеќе предлози за наградата и е многу тешко да се направи дистанца за заслугите, квалитетот и придонесот на секој од предложените филмски автори, но сметам дека одборот направи правилен избор зашто Кирил Ценевски е еден од најреномираните филмски режисери, истакна директорката на Кинотеката Мими Ѓоргоска-Илиевска.

Таа  доби повторно мандат за член во Управниот одбор на Меѓународната асоцијација на филмски архиви (ФИАФ –  Fédération Internationale des Archives du Film) на конгресот што вчера заврши во Барселона. Идната година домаќин на 70-тиот конгрес на ФИАФ ќе биде Скопје и ќе се одржува 5-ти до 10 мај. Ќе биде посветен на 100 години од почетокот на Првата светска војна. Идејата е да се направи филмографија за војната од зачуваните филмски материјали низ светот.

Се очекува да присуствуваат над 200 делегати од цел свет. Асоцијацијата обединува околу 150 архиви, кинотеки, музи и центри за документација на аудиовизуелното наследство од 77 земји.  – Тоа е голема привилегија, но и обврска. Се надевам дека добро ќе ја сработиме, рече Ѓоргоска-Илиевска.

Кинотеката оваа година ќе продолжи со проектот за дигитализација. Завршен е целиот опус на браќата Манаки и ќе биде објавен на ексклузивно ДВД-издание. Дигиталната реставрација ќе продолжи со документарниот филм „Македонија во слики“ на Арсени Јовков од 1923. Кинотеката го продолжува и проектот за снимање/интервјуирање на протерани Македонци од егејскиот дел на Македонија, што го почна пред три години. Досега се направени околу 500 интервјуа во Македонија и во Канада, а ќе продолжи снимање на бегалци во Австралија. Од тоа ќе произлезе нов документарен филм, каков што беше и „Сведоци“.

Од денеска до 2 мај во Кинотеката ќе бидат прикажани четири играни филма на годинашниот лауреат на „Златниот објектив“ Ценевски. Од 15-ти до 21 мај ќе бидат прикажани филмови на Хрватската кинотека, а во рамки на тој циклус и два македонски филма на хрватски режисери: „Македонски дел од пеколот“ во режија на Ватрослав Мимица и „Три Ани“ на Бранко Бауер. Од  23-ти до 27  мај ќе се одржуваат Денови на чешкиот филм, ќе има и специјална програма за 9 мај и победата над фашизмот, како и  програми за најмладите – втор дел од циклусот филмови посветени на 200 години од раѓањето на браќата Грим и филмови од програмата на фестивалот Македокс.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top