| четврток, 6 декември 2018 |

Култура реагира: Вредните икони од црквите од западна Македонија се дислоцираат на сигурно

crkva lazaropoleМинистерството за култура реагира на колумната објавена на порталот „Република“, насловен „Црквите опустошени, сефовите и сметките преполни – зошто спијат МПЦ-ОА и другите одговорни“. Ви ја пренесуваме во целост нивната реакција:

„Во насока на правилно информирање на македонската јавност, а во врска со бројните дезинформации пренесени во натписот објавен во неделникот „Република“, со наслов „Црквите опустошени, сефовите и сметките преполни, зошто спијат МПЦ-ОА и другите одговорни“, Министерството за култура  сака да го даде следново појаснување:

Ве известуваме дека Министерството за култура и Управата за заштита на културното наследство, заедно со Македонската православна црква, во изминатиот период ги завршија повеќемесечните активности поврзани со проектот на евидентирање, фотографирање и дислоцирање на вредните икони од црквите во Дебарско-кичевската епархија, во струшкиот и дебарскиот регион. При реализацијата на овој проект се изврши евиденција и дислокација на 341 вредни икони во сите села во струшкиот регион, како и во делот на Дебар и Мала Река, се констатира нивната фактичка состојба и се попиша целиот иконописен фонд.

По извршените консултации, Министерството за култура и Управата за заштита на културното наследство и Синодот на МПЦ донесоа одлука сите вредни икони од црквите од западна Македонија да се соберат на две места, каде што  ќе бидат депонирани соодветно и тоа: во административниот епархиски центар во Охрид, како и во просториите на поранешното училиште на манастирот „Св. Јован Кристител-Бигорски”, кое дополнително треба да се адаптира во Музеј на Мијачијата.

Нагласуваме дека во меѓувреме, и покрај големиот отпор на црковните одбори, е во тек акција на собирање и дислокација и на други икони од селските цркви и манастири и нивно пренесување на безбедни локации.

Исто така, потенцираме дека Министерството за култура, по барање на Синодот на МПЦ, ќе одобри средства за конзервација на дваесетина икони кои од страна на стручните лица од областа на заштитата на културното наследство беа посочени како најзагрозени. По нивната конзервација, овие вредни икони ќе бидат изложени во црковните ризници и музеи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top