Јас, Гордан Калајџиев, претседател на Здружение Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија – Скопје, изразувам несогласување и револт врз основа на објавениот текст во печатеното издание на неделникот „Република“, во кое на неморален и непрофесионален начин се врши атак врз здружението.
Во објавениот напис на „Република“ на ден 27.05.2016 година, со наслов „6.000.000 евра за платеничката војска на СОРОС“, изнесени се податоци за годишниот буџет на Хелсиншкиот комитет.
Имено, објавениот износ воопшто не кореспондира со ниту еден од нашите годишни финансиски извештаи кои се јавно достапни и објавени на нашата веб страница. Комитетот е организација која е проектно насочена и чиј буџет се состои од донации од различни донатори, домашни и странски. Овие донации, во најголем дел се искористени за директни трошоци. Неточни се тврдењата дека наведениот износ, за кој не се дава никакво објаснување од каде е добиен, е за „уривање на Македонија“ и за учество во протести. Повеќе од очигледно е дека вака претставените информации имаат за цел да ја извртат вистината и да прикажат погрешна слика за здружението кое целосно се залага за слобода и почитување на човековите права и успеа да изгради доверба кај граѓаните на Република Македонија, но и кај повеќе меѓународни организации. Овие информации се претставени во контекст кој го деградира здружението кои повеќе од 20 години работи на унапредувањето и заштита на човековите права и обезбедување директни сервиси за граѓаните, бесплатна правна помош и психолошка поддршка. Дополнително, претставници на Комитетот учествуваат во работни групи за носење и измена на закони, подзаконски акти, стратегии и политики, а исто така и во комисии на државно и локално ново.
Од овие причини барам од весникот „Република“ јавно да се извинат за лажните наводи изнесени против здружението, а воедно и за повреда на честа и угледот на здружението.
Барам демантот и извинувањето да биде објавено согласно член 14 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета и тоа во рок од 2 дена од денот на приемот на ова барање, на истото место, време и обем, како и натписите за кои ја доставувам оваа реакција.
Во спротивно ја користам можноста да поднесам тужба за утврдување на навреда и клевета, а согласно Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Апелациија демантира: Наводите од Груевски се груба невистина и манипулација со јавноста
-
Демант: „Авалон продукција“ одлучува со која фирма ќе работи и склучува договори
-
ЕЛЕМ: Бесијана Џафери и Димитар Грчев имаат завршено високо образование
-
Хаџи-Лега бара јавно извинување од Викторија Јовановска: Мојата квалификација како плагијатор е измислена и доаѓа од некомпетентна личност