Специјалното јавно обвинителство во оваа фаза најпрво треба да преземе мерки и активности и да се произнесе дали продолжува со постапката за „Пуч“, бидејќи досега не се произнесоа, а не на ваков начин да врши притисок врз Судот како да постапува, се вели во денешното соопштение од скопскиот Кривичен суд.
Во однос на новинарски прашања кои беа упатени до Судот од повеќе медиуми поврзани со предметот во јавноста познат како „Пуч“, од Кривичниот суд велат дека по поднесување на жалба од страна на одбраната на обвинетите во однос на решението на судечкиот совет за запирање на постапката согласно одлуката на претседателот на РМ, целиот предмет е пратен на надлежно постапување во Апелацискиот суд – Скопје од каде се уште не е добиена одлука и предметот не е вратен.
Во врска со тврдењето на СЈО дека во одлуката на Апелацискиот суд стои обврска според која Основниот суд Скопје 1- Скопје треба да постапи во однос на барњето на СЈО за доставување на копии од доказниот материјал, од Кривичниот суд информираат дека скопска Апелација не може да му даде обврска на Кривичниот суд да достави копии од докази од конкретен предмет бидејќи по предметите постапува судија или судечки совет кои се назависни и самостојни при носење одлуки, а повисокиот суд може само да даде напатствија што да има во предвид понискиот суд при повторно одлучување.
– Со оглед на фактот дека предметот за кој се интересирате, како што наведовме погоре, во моментов се наоѓа во Апелацискиот суд, откако истиот ќе биде вратен во Кривичниот суд за сите одлуки на судечкиот совет, надлежен да постапува, навреме ќе ја информираме јавноста, се истакнува во соопштението.
Од Кривичниот суд истакнуваат дека СЈО во оваа фаза најпрво треба да преземе мерки и активности и да се произнесе дали продолжува со постапката бидејќи досега не се произнесени, а не на ваков начин да врши притисок врз Судот како истиот да постапува.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.