По само неколку месеци сообраќање новите возови се со искршени стакла, изгребани се однадвор, но и внатре, дел од заштитната пластика е скршена, а тие на кои им било здодевно за време на удобното возење, се забавувале со сечење и со горење седиштата.
„Каменуван новиот воз“, „Воз удрил во поставени камења “, „Каменуван воз, машиновозачот повреден“, „Ставиле контејнер на пругата кај Велес, новиот воз оштетен во судирот!“
Со овие наслови почнуваат утринските вести. Речиси не поминува недела, а во билтенот на МВР да не се забележани една, две, па дури и неколку пријави на инциденти што се случиле во железничкиот сообраќај. Каменување, поставување разни барикади – кујнски апарати, дрва и камења на пругите, а во последниот инцидент беше поставен и метален контејнер за ѓубре.
Не е потребно остро око ниту статистика за да се забележи дека вандалските активности се позачестени во последниот период, особено откако сообраќаат новите возови. Тоа што посебно загрижува е степенот на агресивност со кој настапуваат вандалите, не размислувајќи за последиците, за материјалната штета, а уште помалку за бројот на жртви.
Интерните податоци со кои располагаат Македонски железници (МЖ) одат во прилог на оваа констатацијата дека вандалите стануваат поагресивни во нападите со поставување барикади.
– Точно е дека вандалските активности се позачестени во последниот период, посебно кога станува збор за новите возови, кои, навистина, ја менуваат сликата за тоа како треба да изгледа железничкиот превоз на европско ниво. Но, ќе биде многу тешко нашата слика да стане како европската доколку неодговорни граѓани или негативно мотивирани лица се дрзнуваат да оштетуваат општокорисно добро. Има повеќе претпоставки кои можат да бидат мотивите за вандалското однесување и се движат од финансиски и политички мотивирани до ниско ниво на свесност и на култура – потврдува директорот на патнички превоз на МЖ – Транспорт а.д., Кире Диманоски.
Последниот инцидент со поставениот метален контејнер на пруга ја згрози јавноста. И досега се случувале напади со поставување барикади, но, очигледно, вандалите стануваат сѐ поагресивни, а кога на пругата се поставуваат различни предмети, кои можат да предизвикаат само штета, во никој случај не може да се наречат непромислени постапки, дециден е Диманоски.
– Овие се т.н. економски и политички мотивирани инциденти, кои се со крајна цел да се оневозможи нормален, редовен и квалитетен железнички сообраќај. Ова е посебно важно да се знае бидејќи во последниот период има пораст на бројот на превезени патници, најмногу поради новите превозни средства, но и поради новите мерки за зголемување на мобилноста на граѓаните. Е токму овие причини се мотив за нелојалната конкуренција во превозот или на другите вандалски настроени граѓани да се дрзнат да оштетуваат – вели Диманоски.
Но, доколку се продолжи со вакво темпо, тогаш тешко може да се очекува издигнување на квалитетот на железничкиот превоз на нивото што го заслужуваат граѓаните.
Повеќе од три децении не се инвестирало во железничкиот сообраќај во Македонија, па со години овој начин на патување не беше опција во Македонија. Низ земјата се патуваше само со автомобил или со такси и со автобус. Со набавката на шесте нови возови, обновата и изградбата на нови пруги и со реновирањето на железничките станици, железницата во Македонија стана опција, со тенденција да стане прв избор на патниците, како во европските земји.
– Вагоните ќе бидат климатизирани, со вакуумирани тоалети, со добра топлотна изолација, и за зимски и за летни месеци, ќе бидат модерни, современи, удобни. Нешто што во овој момент го нема во Македонија, а можеме да го почувствуваме само кога патуваме во побогатите европски држави – рече тогашниот премиер Груевски кога ја најави инвестицијата од 25 милиони евра во железничкиот сообраќај.
– МЖ – Транспорт нема да ја зголеми цената на услугите. Во превозот на патници цената е конкурентна на автобускиот превоз, а ќе се работи на привлекување што поголем број патници. Кога ќе заврши проектот за набавка на новите возови, ќе го зголемиме и капацитетот на возови и тогаш ќе можеме да ја зголемиме фреквенцијата на возови, а, се разбира, со тоа се зголемува и бројот на патници – вети пред три години, на почетокот на проектот за набавка на новите возови, тогашниот директор на МЖ – Транспорт, Оливер Деркоски.
Кому му пречат климатизираните вагони, брзата локомотива и безбедната композиција?
Сознанијата наведуваат погледите да се вперат кон нелојалната задремана конкуренција во превозот, зашто подобрените услови во железницата ги исфрлија од колосек превозниците што со години се чувствуваат супериорно за да инвестираат во подобрување на условите на својот превоз и им лапнаа дел од слаткиот финансиски колач.
Второосомничени се несовесните граѓани, поединци со ниско ниво на сообраќајна култура, кои со своите постапки можат да предизвикаат огромни штети.
– Штетите можат да бидат огромни со оглед на тоа дека се работи за средства, чијашто вредност се мери во милиони. Секоја штета и непредвидено задржување, поправка и неможност да се одвива редовниот железнички сообраќај придонесува за значајни негативни последици во работењето и во одржувањето на нормалниот сообраќај – вели Диманоски.
Граѓаните треба да бидат свесни дека со секое изживување врз возовите ја загрозуваат безбедноста на патниците, но и на граѓаните што гравитираат околу железничката пруга.
Имајќи го ова предвид, возовите и железничките несреќи, во кои доколку има жртви, поради природата на превозот, се бројат во десетици и стотици, можат да послужат како совршен политички инструмент, искра што ќе го дигне во воздух бурето барут. Секој помал инцидент, скршено стакло, оштетено седиште или расипан клима-уред се користи како шлаканица што треба да го „разбуди народот“ за да го види расипничкото работење на власта, која ги троши народните милиони за неквалитетни возови. Секој камен, контејнер, машина за перење поставени на пругата се црвен аларм за безбедноста во железничкиот сообраќај. Првата жртва ќе биде политичка бомба.
Иако би било малициозно и нечовечки да се размислува дека нападите се политички мотивирани, не е погрешно да се очекува дека евентуалните жртви ќе предизвикаат и огромен политички потрес во и така чувствителната ситуација. Засега МЖ нема конкретни сознанија дека железницата се користи како директен инструмент за подгревање на тензиите, но постојат индиции дека железничките несреќи им одат в пролог на намерите да се саботираат проектите во овој сектор – инвестициите и придобивките за патниците.
Докажано е дека нема значаен ефект поставувањето какви било физички пречки со цел да се оневозможи вандализам. Сепак, Диманоски вели дека е тешко, но и не неостварливо да се пронајде лице што нанело штета на кој било начин во железничкиот систем. Многупати тие лица биле санкционирани. Постојат различни методи и мерки што Министерството за внатрешни работи може да ги применува во рамките на своите надлежности, кои често даваат резултати, а тие што демнат со полни џебови камења треба да имаат предвид дека загрозувањето на безбедноста во железничкиот сообраќај се квалификува како кривично дело, за кое казните се ригорозни.
Пишува: Катерина Митиќ
Фото: Александар Ивановски
(Текстот е објавен во 196. број на неделникот „Република“, на 3.6.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.