| четврток, 6 декември 2018 |

Лабина Митевска во Kан ќе го промовира новото сценарио

Со две актуелни сценарија, на кои работи со сестра си Теона Митевска-Стругар, продуцентката Лабина Митевска ќе се претстави на програмата „Продуценти во движење“ во рамките на Kанскиот филмски фестивал. Македонија неколку години има свој претставник во програмата, што е од особено значење за поврзување со европските продуценти и барање партнери за отворени проекти. „Продуценти во движење“ е дел од организацијата „Европска филмска промоција“, чиј член стана Филмскиот фонд на Македонија во 2009 година.
Митевска е годинашен македонски претставник на европскиот проект. Роберт Насков, Владимир Анастасов-Вац и Дарко Попов биле наши претставници во последните неколку изданија на светскиот фестивал.
– Со Теона веќе имаме две сценарија што ги развиваме за следниот долгометражен филм што сакаме да го работиме така што ќе се претставиме со тие две сценарија. Со Вук имаме нова анимација, која овој пат ќе ја работи со Теона, што исто така ќе ја претставиме таму – вели Митевска.
За еден од најуспешните продуценти во поновата македонска продукција, можноста да се претстават актуелните проекти е посакувана.
– Многу ми значи оваа програма. Мислам дека е одлична платформа за промоција на нови надежни европски продуценти, остварување нови контакти, за претставување нови проекти. И нема подобро место од сето ова да се случува во Kан. Kако продуцентска куќа сите наши проекти ги работиме со европски партнери и, се разбира, сосема се совпаѓаме со она што го прави „Европската филмска промоција“ – истакна Митевска.

И годинава н` нема во некоја од програмите за награда на фестивалот. Може да се забележи дека балканскиот филм годинава на фестивалот речиси и го нема.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top