| четврток, 6 декември 2018 |

Антиќ во уште едно финале оваа сезона, трофејот во Турција ќе го бркаат против Анадолу Ефес

fenerbahce

Поранешниот македонски репрезентативец Перо Антиќ со својот Фенербахче се пласираше во финалето на плејофот во турскиот шампионат откако во полуфиналето славеше со 3-1 над градскиот ривал Галатасарај.
По лесните 2-0 во првите два меча на домашен терен, Фенербахче го загуби третиот натпревар на теренот на противникот, но не ја испушти втората меч топка вечерва и славеше пред празни трибини поради немирите на третата средба од полуфиналната серија со 82-75.

Галатасарај се покажа како тврд орев за избраниците на Жељко Обрадовиќ кои крајно мотивирани влегоа во овој дуел со желба за одмазда и изборување на мајсторка за два дена. По воведното водство на Фенербахче, Галата ја презема предноста и на полувреме замина со високи десет поени разлика (44-34).

Сепак во вториот дел квалитетот на Фенер исплива на површина и со ангажирана игра во одбраната полека но сигурно ја стопи предноста на домаќинот.

Одличните Удох и Весели го торпедираа противничкиот обрач, а Махмутоглу со својата четврта тројка на средбата го донесе и првото водство (63-65). Во наредните две минути домашниот состав воопшто не можеше да го пронајде патот до противничкиот обрач што Весели и Слукас го искористија за заедничка серија од 0-11 со која го зголемија водството на десет поени (65-75). Со пет минути преостанати на семафорот, домаќините немаа многу простор за маневрирање. Неискористените шанси резултираа со мал број на поени и пораз од 75-82.

Македонскиот интернационалец на паркетот помина 16 минути за кои запиша три поени зад своето име (0/1 за два поени, 1/4 за три поени) на кои придодаде и пет скокови.

Во финалето, Антиќ и соиграчите ќе се пресметаат со Анадолу Ефес.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top