Денеска (вторник, 31 мај), со почеток во 12,00 часот, во Градската библиотека „Гоце „Делчев“ при Домот на културата „Крсте Мисирков“ во Свети Николе, ќе бидат претставени две новообјавени книги за деца на Киро Донев – романот „Јамболија што лае“ и книгата со пиески „Училишен театар“.
И двете книги се илустрирани со оригинални цртежи на Миле Топуз, а ќе ги промовира Горјан Петревски.
По повод промоцијата ќе биде организирана и продажна изложба на книги на Киро Донев, со промотивни цени и со потпис на авторот.
„Јамболија што лае“ е роман сказна, во кој животните зборуваат, а главни ликови се домашни миленици – куче и маче, но и еден пензиониран зообиолог, неговата сопруга, која е учителка, и нивното внуче. Еден од главните ликови, според кои е насловен романот, е едно рунтаво куче кое многу личи на парче јамболија. Во овој роман-сказна, сѐ се случува меѓу сонот и јавето. Авторот детето го вооружува со фантазија, со ведар творечки дух и со здрава чувствителност. Така младиот читател може да види и да слушне сѐ што прават и зборуваат јунаците од страниците на сказната.
„Училишен театар“ содржи близу четириесет пиески (едночинки) за деца, со теми од животот на современо дете: домот, училиштето, улицата, детската игра, природата… Покрај децата јунаци (главни и споредни), во пиеските се сретнуваат и „претставници“ на животинскиот и растителниот свет, но и птиците, инсектите и таквите мали-големи нешта од секојдневјето кои човекот не ги забележува многу, а се многу важни во животот и на луѓето, но и за рамнотежата во природата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.