За пократко од еден месец во Штип ќе се одржи еден од најзначајните фестивали за новокомпонирана забавна музика некогаш. А денес, пак, еден од ретките фестивали воопшто. Во две полуфинални вечери, на 3 и на 4 јуни, годинава нѐ чекаат триесет песни на 30. по ред „Макфест“. Најдобрите 18 од нив во финалето на 5 јуни ќе се натпреваруваат за високи парични награди за прво, второ и за трето место.
Сепак, еуфоријата која некогаш го пратеше сега воопшто ја нема. За „Макфест“ се зборуваше месеци пред и потоа, а денес публиката не е ни доволно заинтересирана за да го исмева, а камоли да го пофали. И покрај спомнатите награди, се помалку познати музичари покажуваат интерес да се дел од него.
Како новинар кој со години е во тек со македонската музика и добро е запознаен со состојбите на естрадата, Слободанка Марковачева од „Вистина“ смета дека, за разлика од „Скопски фестивал“, кој по возобновувањето повторно доби на актуелност, „Макфест“, за жал, не е тоа што беше некогаш.
– Тоа што за популарните пејачи сѐ поретко станува предизвик да учествуваат на „Макфест“, само по себе си носи промени. Неколку години настапуваа помалку познати изведувачи и дебитанти, а тоа донесе и до помала атрактивност на фестивалот. Оттука станува повеќе од јасно зошто новите таленти се пријавуваат на регионални шоуа кои имаат огромен рејтинг и им носат инстант популарност, која им е далеку попримамлива – смета Марковачева.
Според Васко Спасоски од „Телеграф“, новинар кој долги години ги следи музичката сцена и македонската естрада, фестивалите го загубиле значењето што го имаа пред повеќе години.
– Сведоци сме дека „Макфест“ веќе не е тоа што беше. Од година во година гледаме само бледи изданија на овој фестивал, а причини за тоа има повеќе. Најпрво во делот на организација има страшни пропусти, но ајде тоа ќе го голтнеме, верувам дека и на „Сан Ремо“ не е сѐ совршено. Потоа песните кои се натпреваруваат на „Макфест“. Ве молам, набројте ми барем три хита во последните 10, односно 5 години? – вели Спасоски, додавајќи дека познатите и докажани изведувачи веќе немаат ниту желба, а ниту интерес да пеат на овој фестивал.
На ова се надоврзува и Александра Тимковска од весникот „Вечер“, новинарка со големо и долгогодишно искуство за естрадата, за што вина треба да се бара и кај музичарите.
– Ако се суди според фактот дека единствена сатисфакција за одење на фестивал на пејачите им се паричните награди, тогаш зар воопшто има потреба и гласно да се каже дека фестивалите ја загубија секоја смисла. Шармот одамна го немаат. Токму со ова како меур од сапуница пука тезата дека сите се занимаваат со музика од љубов! – вели Тимковска.
Според неа, „Макфест“, за жал, никогаш не може да биде она што беше.
– „Макфест“ во јуни не е „Макфест“! Пастрмалија изедена на сонце и пастрмалија која треба да ти ги стопли душичката и прстињата, кога надвор е студено, не го буди истото чувство… За жал! – додава Тимковска.
Како некој кој повеќе од една деценија ја прати македонската сцена, Андријана Јовановска од списанието „Комплетна“ смета дека, без оглед на тоа дали настапуваат реномирани имиња или непознати пејачи, фестивалите го губат својот квалитет поради понудената музика. Повеќето песни како да се загубиле во времето, не слушаме нешто ново, модерно, квалитетно…
– Доказ за тоа е и фактот што по секој фестивал останува една, максимум две песни коишто живеат и натаму. Не знам дали станува збор за летаргија, незаинтересираност, немање инспирација кај повеќето автори… На моменти ми се чини како да не ја слушаат светската музика, не ги следат топ–листите, како да не знаат како звучи вистински хит – вели Јовановска, додавајќи дека модерен звук може да се извади и со оркестар, но потребно е само малку повеќе работа.
За Спасоски тоа што оваа година „Макфест“ ќе биде интернационален фестивал е одлична новина.
– Но, да видите кој сѐ ќе пее од странските изведувачи, ќе се разочарате. Ниту еден познат изведувач, за жал. Само како споредба, сум бил 2-3 пати на фестивалот „Сунчане скале“, каде што секоја година учествуваат по неколку познати изведувачи од регионот и самото тоа го прави овој фестивал атрактивен за публиката – вели Спасоски.
И Тимковска смета дека е претеран префиксот интернационален.
– Дали тоа што ќе пее некој си пејач што не е доволно познат ниту во сопствената земја може да има некакво значење. Мислам дека е далеку од интернационален и далеку од фестивал кој може да се пофали со звучни имиња, чест за исклучоците. Далечни се времињата кога во поранешната ни земја на „Макфест“ доаѓаа најголемите поп–ѕвезди! – смета Тимковска.
И Јовановска е малку скептик по ова прашање.
– Убави беа времињата кога изведувачи од странство пееја на македонски, песни од домашни автори. Интернационализацијата на фестивалот ќе го однесе во сосема нов правец и не сум сигурна дека тоа што ќе го гледаме е вистинскиот „Макфест“ којшто го сакаме. Сепак, една целосна интернационална вечер во склоп на неколкуте фестивалски дена е сосема друга идеја. – смета таа.
За Марковачева постои позитивен, но и негативен аспект по ова прашање.
– Изведувачите од други земји секогаш придонесуваат за поголема атрактивност, се разбира дека е важна и нивната моментална актуелност и постојаност на сцената. Имиња кои периодов се звучни и истакнати можат само да му дадат дополнителен шмек на фестивалот, пример кој му се случуваше на „Макфест“ пред 17 години. Интернационалниот момент не е новина, па и да победи песна од странски изведувач, фестивалот може само да добива на актуелност. Но, негативниот аспект го гледам во тоа што странските изведувачи немаат ограничување во однос на изборот на јазикот на кој пеат, туку се губи автентичноста и на фестивалот, што не беше случај кога порано настапуваат странски изведувачи кои, според правилата, мораа да пеат на македонски – вели Марковачева.
Недоволно се работи и на промоција на фестивалот, смета Спасоски, додавајќи дека ние како новинари едвај и добиваме информации во врска со „Макфест“. Тоа за што сите се согласуваат е дека мора да се вложува во музика, но во квалитетна музика, добра организација и во изведувачи.
Пишува: Марина Костовска
(Текст објавен во 194. број на неделникот „Република“, 20.05.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.