| четврток, 6 декември 2018 |

Свечено промовиран проектот „Ничија земја“ на 15. издание на Биеналето во Венеција (галерија)

Во историскиот воен локалитет „Арсенале“ денеска свечено беше отворен македонскиот павилјон во рамките на 15. издание на најпрестижниот светски настан од областа на архитектонското творештво – Биеналето на архитектурата во Венеција.

На свечената промоција на годинашниот национален претставник, проектот „Ничија земја“ на проектантското студио „Стоун дизајн“, пред присутните се обрати министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска.

viber_image6a

Учеството на оваа интернационална манифестација со светско реноме е, како што рече министерката за култура, од исклучително значење за Република Македонија и токму затоа со поддршка од Министерството за култура, архитектонското творештво на македонските автори во континуитет се претставува на овој врвен архитектонски настан.

-Република Македонија во изминатите години оствари повеќе впечатливи претставувања на Венециското биенале на архитектурата, кои нè етаблираа на глобалната архитектонска сцена и понудија свежи и иновативни творечки остварувања. Во таа смисла, уверена сум дека проектoт „Ничија земја“ ќе ги доближи уште повеќе актуелните архитектонски тенденции и креативните идеи на македонските автори до европската и до светската јавност и ќе биде голема провокација за посетителите на овој настан кои ќе имаат можност да се запознаат со вредностите на македонската култура и уметност – рече Канческа-Милевска.

viber_image7a

Таа додаде дека проектот „Ничија земја“, чиј комесар е д-р Иванка Апостолова, е дело на четворицата млади архитекти од Скопје: Стојан Павлески, Иван Симеонов, Ѓорѓи Радовановиќ и Љупчо Тасевски, кои достојно ги спроведоа суштинските начела профилирани во годинашната тема на Биеналето „Извештај од фронтот“.

-Проектот има силна индивидуална и сугестивна димензија на архитектонскиот јазик, во функција на создавање на една единствена, заедничка, просторна претстава – град за сите, земја ничија или сечија…Тој соодветствува со нашата реалност и нè поттикнува сите нас да се запрашаме, дали можеме лесно да се препознаеме во улогата на мигрант, емигрант и крајно жител на земја ничија и сечија, истакна министерката за култура.

На отворањето на македонскиот павилјон присуствуваше и конзулот на Република Македонија во Венеција Ашим Зекировски.

viber_image8a

Претходно, министерката Елизабета Канческа–Милевска, на покана од својот колега Иван Тасовац, присуствуваше на отворањето на српскиот павилјон во рамките на Биеналето на архитектурата во Венеција.

На годинашното Биенале, кое ќе се одржува од 28 мај до 27 ноември, националната архитектура ја претставуваат вкупно 61 земја, а за првпат учествуваат Казахстан, Нигерија, Филипини и Јемен. Селектор на главната архитектонска изложба е реномираниот архитект Алехандро Аравена од Чиле, добитник на наградата Прицкер, која често се нарекува и Нобелова награда во архитектурата

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top