| четврток, 6 декември 2018 |

Денеска се отвора павилјонот на Македонија на Биеналето во Венеција

Во просториите на Сале Дарми (Sale d’Armi), во престижниот изложбен простор Арсенале во Венеција, денеска ќе биде отворен павилјонот на Република Македонија во рамки на 56. издание на Биеналето во Венеција.

Биеналето во Венеција е една од најстарите и најпрестижни европски манифестации, која за јавноста ќе биде отворена од 9 мај до 22 ноември.

На отворањето ќе се обрати заменик-министерот за култура, Драган Недељковиќ. Официјални претставници на Република Македонија на оваа најголема и најзначајна интернационална ревија на уметноста во светот се реномираните уметници Христина Иваноска и Јане Чаловски, кои, со поддршка од Министерството за култура, ќе се претстават со проектот „Ние сите сме сами во ова“.

Комесар на овој мултидисциплинарен ликовен зафат е Националната галерија на Македонија, куратор е Башак Шенова од Турција, а заменик-куратор Маја Чанкуловска-Михајловска.

Биеналето во Венеција е од големо значење за промоција на македонската култура и уметност пред земјите-учеснички од целиот свет. Претставува можност да се укаже на разновидноста на уметничките позиции, репрезентативните потенцијали и значењето на работата на македонските автори кои дејствуваат на нашата и на интернационалната уметничка сцена.

Република Македонија досега има остварено девет претставувања на Венециското биенале почнувајќи од 1993 година со проектот на авторите Петре Николовски и Глигор Стефанов.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top