Роден 1981 година, Тозија дипломирал филмска и телевизиска режија на Факултетот за драмски уметности и посетувал студии по политички науки на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Покрај краткометражниот „Човекот со чудна навика да ме удира со чадор по глава“, автор е и на „Свиркачот“, кој е дел од „Скопје ремикс“, на „Исклучок“(2007), „Дома…?“(2005), „Северен лет“(2004), документарниот филм „Боби“ и интернационалната копродукција „Чекајќи го Годо“(обата во 2003 година), на епизоди од серијата „Македонска историја“ и на телевизискиот филм „Право да се биде поинаков“ во кој се говори за егзодусот на Егејците. Како сценарист соработувал на „Панкот не е мртов“, на „Замена“ – делот од омнибусот на Еуримаж за Балканот насловен како „Некои други приказни“(2009) и на 60-минутниот „Лудило“ (2008).
Неговиот најнов филм „Џган“ во моментов ги полни киносалите, а со Вардан поразговаравме за искуствата, фасцинациите, подготовките за новиот проект…
Вашиот филм „Џган“ критиката го оцени како прво, па машко. Комплексна социолошка драма, која може да се смести во жанрот на криминалистички филм, а тоа е тоа што долго се чекаше во македонскиот филм. Колку време се подготвувавте за филмот? Колку време зрееше идејата?
Тозија: Подготовките за филмот се одвиваа речиси три години. Се разбира, првите две години поминаа во периодична работа на сценариото, анализа на развојниот пат на ликовите низ драмското дејство. Најголемо значење за стимулација на креативниот процес имаа посетите и консултациите со соодветни автори на сценарија на европските филмски работилници. Уште во самиот зачеток на идејата за „Џган“, решивме да го создадеме овој филм како по книга, без заобиколување на ниту еден сегмент од „правилата“ за развој на една приказната, иако бевме свесни дека тоа е долготраен, често фрустрирачки процес за кој е потребно трпение и енергија. Потоа, од почнувањето на претпродукцијата, па сѐ до финализирањето на конечниот производ, беше потребна една година, прилично краток временски период за реализација на еден долгометражен филм.
Раскажувате интересна приказна за маргиналци, млади момчиња од дом… Имавте ли конкретно некој вистински пример за ликовите? Како ги градевте? Од каде таа фасцинација со маргиналците?
Тозија: Приказните за маргиналците, односно нивната борба против репресивноста на системот, отсекогаш биле моја фасцинација. За да се создаде едно филмско дело, секогаш мора да постои конфликт – а сметам дека за конфликт не постои подобар архетип на антагонист и пострашен непријател од невидливите механизми на моќта. Низ животот среќаваме многубројни ликови, маргинализирани и отфрлени, кои подоцна низ животот паѓаат во заборав. Некои од тие ликови од минатото ми излегоа пред очи додека го пишував сценариото, некои се појавија од сивилото на денешнината. Многу од момчињата што играа во филмот, иако немаа никакво претходно филмско искуство, веќе ја имаа таа енергија, тој искрен револт кон бесперспективноста на општеството во кое егзистираат. Мојата работа беше да ја канализирам и артикулирам таа енергија преку драмското дејство и ситуациите со кои ги соочив.
Вашиот кусометражен филм „Човекот со чудна навика да ме удира со чадор по глава“ беше награден на фестивалите во Шпанија и во Египет. Но, самиот ќе речете дека долгометражниот филм е вистинската работа кон која се стреми секој млад режисер. Од оваа дистанца, задоволни ли сте од сработеното во „Џган“? Дали сте премногу критичен кон себе кога работите?
Тозија: Краткометражната форма има своја магија, но сметам дека долгометражниот филм е врвот на работата на еден режисер. Ако се навратам на целата борба и вложена енергија за создавањето на Џган, низата неизбежни компромиси што требаше да се проголтаат со оглед на амбициозните побарувања спроти скромниот буџет, задоволен сум од тоа што го одработивме. Се разбира, свесен сум за недостатоците што неизбежно се провлекуваат низ еден дебитантски филм, и секогаш се трудам да оставам доволно простор и време за да можам од дистанца да ги согледам и да ги надминам во иднина. Реакциите и впечатоците од публиката, исто така, може да кажат многу, доколку постои подготвеност да се апсорбираат трезвено, без суета, и да се чита меѓу редови.
Во моментов повторно снимате? За што станува збор и каде се снима?
Тозија: Во моментов сум во подготвителна фаза на нов филм, со тематика што е жанровски и естетски дијаметрално различна од „Џган“. Станува збор за модерна бајка, сместена во изолираните делови на нашата земја, каде што митовите и преданијата се длабоко вкоренети во верувањата и вистинскиот живот. Доколку во нареднава година успееме да ја затвориме финансиската конструкција за новиот филм, нема многу да чекаме за да почнеме со снимањето.
Разговараше: Невена Поповска
Фото: Александар Ивановски
(Текст објавен во 194. број на неделникот „Република“, 20.05.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Виолета Џолева, режисерка: Со првиот мјузикл за деца сакам да им се заблагодарам на маестро Џамбазов и на Оливера Николова
-
Филмскиот проект „М“ на Вардан Тозија со награда на копродукцискиот форум Агора
-
Бислимовски: РКЕ нуди четири цени на нафтените деровати, но трговците секогаш ја избираат највисоката
-
Тарик Филиповиќ: Жив актер на сцената сѐ уште е мамка за луѓето да доаѓаат во театар