| четврток, 6 декември 2018 |

ОМД: Шекеринска и Заев во деструктивен обид за создавање сериозен хаос

Вчерашниот јавен акт на фрлање боја врз државна институција од страна на Претседателот на СДСМ Зоран Заев и на потпретседателот Радмила Шекеринска е акт кој Обединетата македонска дијаспора (ОМД) го квалификува како тотално деструктивен обид за воведување на и така длабоката политичка криза, во уште посериозен хаос. Овој акт јасно го одразува чувството и капацитетот на државничко и одговорно однесување на политичките лидери од кои се очекува квалитетна алтернативна идеја и визија за излез од кризата.
Покрај тоа што ОМД целосно ја разбира потребата за демократски јавно искажана критичка мисла, преку јавен собир и мирни демонстрации, ОМД категорично го осудува вчерашниот акт на вандализам на Зоран Заев и Радмила Шекеринска како силна провокација и повик за анархија и хаос со намера за дестабилизација на земјата. ОМД јавно ги прашува Зоран Заев и Радмила Шекеринска јавно да се произнесат каков пример на политичко делување оставаат на младите генерации и останатите, и зошто мислат дека доколку тие дојдат на власт истото нема и на нив да им се случи. Каде води сето ова?
ОМД посочува дека во сите демократски држави во кои твори и работи, од претседател и потпретседал на опозициските партиии и од премиерот и претседателот на држава се очекува да демонстрираат највисок степен на однесување, одговорност и компромиси, чувство за државност и патриотизам како и презентирање на квалитетна идеја и понуда за решение за излез од агонијата.
Ваквиот обоен акт на политичко делување е всушност акт со кој си ја закопуваат политичката иднина, кариера и делување и тоа чесниот гласач на кого пред се му е државата и народот па после партијата и личниот интерес, најостро ќе го казни со својот глас, гласот кој е пресуден наспроти партиските гласачки машинерии.
Понижувањето на институциите е всушност понижување на самиот себеси, своите членови и симпатизери и пред се својот народ.
ОМД ги повикува Зоран Заев и Радмила Шекеринска на одговорно, морално и државничко однесување во овие историски моменти за македонската држава, а својот револт, фрустрација и нервоза да го претопат во квалитетен политички предлог и идеја или пак во спротивно да му отстапат место на младиот политички потенцијал во партијата.
ОМД цврсто подржува, охрабрува и стои во одбрана на демократските вредности вклучувајќи го и правото на јавно искажан мирен револт, на почитување на правото на Уставот и законите во државата, ја чувствува потребата за неодложна разрешница на политичката криза и го охрабрува македонскиот народ со посебен осврт кон младината и интелектуалците за јавно изразување на подршка и осуда на политичките активности во Македонија како би ја вратиле државата на патот на прогресот, почитта и демократијата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top