Најдобриот стрелец во Европа оваа сезона ќе настапи за Уругвај на претстојното континентално првенство Копа Америка и покрај повредата на задната ложа во финалето на Кралскиот Куп против Севилја.
Од управата на Барселона соопшија дека нивниот напаѓач Луис Суарез ќе се опоравува во САД, каде што ќе се одржи Копа Америка Сентенарио.
Суарез се повреди во неделата во финалето на шпанскиот Кралски Куп и првите претпоставки беа дека поради тоа е можно да ги пропушти натпреварите за својата репрезентација на претстојното континентално првенство.
„Ел пистолеро“ во болки го напушти теренот во 56. минута од натпреварот против Севилја, на кој неговиот тим победи со 2-0 после одиграните продолженија.
Уругвај првиот меч на Копа Америка го игра на 5. јуни против Мексико.
Селекторот Оскар Табарез сигурно нема да може да смета на својот најдобар играч на првиот натпревар против Мексиканците, но се очекува Суарез да заигра во второто коло против Венецуела. Во оваа група (група Д) е уште и репрезентацијата на Јамајка.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.