Република Македонија по 48. пат денеска и утре во Рим ќе го чествува Денот на сесловенските просветители Кирил и Методиј. Во рамките на манифестацијата „Македонија во чест на свети Кирил“, во Понтификалниот универзитет „Урбанијана“ денеска во 18 часот ќе биде отворена изложбата „Свети Климент Охридски и неговите претстави во ликовната уметност“ на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид.
Со изложбата, која е во духот на големиот празник, Република Македонија го одбележува и значајниот јубилеј 1100 години од упокојувањето на светителот Климент.
На изложбата ќе бидат претставени вредни икони поврзани со ликот и делото на свети Климент, копии од фрески од повеќе цркви и манастири во Македонија, како и фотографии од објекти во кои се изложени моштите на охридскиот заштитник. За изложбата е изработен и двојазичен каталог со пригоден текст за св. Климент Охридски и неговото значење за македонскиот народ, како и за неговите ликовни претстави во Македонија и на балканските простори.
Како дел од културната програма, концерт ќе одржи македонскиот гитарист Дарко Багески, кој ќе исполни композиции од македонски и од странски автори.
Во рамките на традиционалното чествување на делото на светите браќа Кирил и Методиј во Рим, во текот на изминатите години, со поддршка од Министерството за култура беа претставени изложби, меѓу кои: „Македонски бронзи“, „Антички теракотни фигурини од Македонија“, архивската изложба „Македонија низ вековите“, „Словенски ракописи од Македонија од 13 до 19 век“ кои беа презентирани во престижните Ватикански музеи, изложбата на „Македонска резба“ поставена во монументалниот простор на комплексот Виторијано во Рим. Како што наведуваат од Министерството за култура, со годинашната изложба на Заводот и музеј од Охрид насловена „Св. Климент Охридски и неговите претстави во ликовната уметност“, Република Македонија го продолжува континуитетот во претставувањето на високите вредности на македонското културно наследство и творештво пред европската и светската јавност.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.