| четврток, 6 декември 2018 |

Барселона ги преброди сите проблеми и успеа да го освои Копа дел Реј (видео)

Екипата на Барселона ја одбрани титулата во Копа дел Реј, а со тоа и двојната круна во шпанскиот фудбал откако вечерва во финалето ја совлада Севилја со 2-0.

Натпреварот што се одигра во Мадрид на стадионот „Висенте Калдерон“ изобилуваше со возбудувања, иако во регуларниот дел од натпреварот по 90 минути, мрежите на двете екипи мируваа. Беа покажани три црвени и дури 13 жолти картони. Головите беа постигнати во продолженијата под двапати по 15 минути.

Во првото полувреме од финалниот меч “каталонците” останаа без Хавиер Маскерано кој доби црвен картон, а тукушто почна второто во соблекувалната се пресели и Луис Суарез. Уругваецот не беше исклучен, но се повреди при една акција на неговиот тим и мораше да биде заменет.

mesi

Во истата акција со проблеми се соочи и Лионел Меси кој се судри со еден противнички фудбалер и неговата глава помодре.

До истекот на 90.минути Севилја беше подобар противник, а тоа особено важи по исклучувањето на Маскерано. Ннајблиску до мрежата беше Евер Банега кој во 53. минута од далечина ја погоди стативата. Сепак Барселона по кој знае колку време беше приморана да го брани својот гол и да се обиде да го одведе мечот во продолженија.
Тоа и се случи, а во самиот финиш силите на теренот беа израменети откако Банега го собори Нејмар, а главниот судија го задржа критериумот и го испрати во соблекувалната.

Тоа се чини беше ветер во грб за избраниците на Луис Енрике кои во продолженијата со два гола стигнаа до трофејот. Повторно Меси беше творец на победата откако најпрвин на брилијантен начин го пронајде Жори Алба кој со одмерен удар го отвори резултат во 97 минута.

Примениот погодок ги принуди фудбалерите на Севилја да се отворат, па во такви околности Барселона создаде уште две големи шанси. Во 114. минута Пике со глава од 4-5 метри шутираше под пречката, но Рико одбрани, а голманот на Севилја во следниот напад ја фати и бомбата на Дани Алвес. Шанса имаше и Нејма во 117. минута, а се што успеа да направи Севилја е да остане без уште еден играч бидејќи нешто подоцна теренот мораше да го напушти Карисо.

Точка на мечот стави Нејмар во 122. минута и повторно на одлична асистенција на Меси кој ја збудале целата одбрана на Севилја.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top