| четврток, 6 декември 2018 |

Квалитетот на судиите во наши рамки е повисок во однос на фудбалот што се игра

Многу е лесно да се направи паралела бидејќи нашите фудбалски екипи многу тешко можат да се натпреваруваат во некое елитно натпреварување, иако во последните години двете најсилни екипи во нашата држава, Вардар и Шкендија вложуваат многу и може да се случи и нив да ги видиме на некое големо натпреварување во групните фази на Лигата на шампионите или во Лигата на Европа. За разлика од клубовите, македонските судии се редовно делегирани и се рамо до рамо со елитната група европски судии што судат во најголемите натпреварувања и, секако, мечеви на репрезентациите во квалификации за Eвропско првенство и за Светско првенство, вели Ставрев во интервју за „Република“

Оваа година е јубилејна за Вас откако станавте фудбалски судија. 20 години на терените е бројка за почит. Од каде желбата да бидете во оваа професија?

Ставрев: Од многу мал го засакав спортот, а најмногу фудбалот, се разбира. Во мое време во Скопје уште од многу мали нозе се играше фудбал. Секое маало имаше теренчиња каде што по цел ден трчаа мали деца со топката и ништо друго не ги интересираше. Тоа беа други времиња кога немаше интернет, немаше социјални мрежи, немаше толку многу видеоигри. Тоа беше вистинска дружба со врсниците, со генерацијата од училиште и со другарите од маало. Во тоа време голем број од децата се запишуваа во пионерските школи на клубовите во Скопје. Јас се решив за алпското скијање во кое постигнав многу успеси. Бев државен првак во сите младински категории. Како што одминуваа годините сѐ повеќе сакав да бидам активен во фудбалот. Откако ги пропуштив сите граници за почеток на фудбалска кариера се решив да бидам судија. Денес веќе 20 години сум еднакво активен на фудбалските терени како и играчите, со тоа што мојата кариера трае нешто подолго.

Aleksandar-Stavrev-sport193-3

По повеќе од 15 години успеавте да станете меѓународен фудбалски судија, кој денес можеме да го гледаме на малите екрани. Како се стигнува до тој успех?

Ставрев: Патот е трнлив и многу тежок. Сѐ почнува со многу учење, полагање испити, кондициски подготовки. Имав можност сето тоа да го поминам за краток период и добив шанса да судам на натпревари прво од најмалите категории на фудбалери, па од година во година да преминувам во следни фази каде што сум денес. Сега веќе можам да се пофалам дека сум во првата група главни судии на листата на УЕФА, веднаш зад таа елитна група од 20 судии од светски ранг.

 

Фудбалски судија во Македонија не е професија туку еден вид хоби. Како е во светот и колку тој ангажман бара одрекување од професионалните обврски и од приватниот живот?

Ставрев: Судиската организација во Македонија не е многу далеку по квалитет и организација од таквите организации во посилните фудбалски нации од нашата. Сѐ уште нема професионални фудбалски судии, кои исклучително го работат тоа и целата енергија ја насочуваат таму. Затоа и за нас како судии е многу тешко да се издржи во тоа. Сите имаме професионални обврски, семејства, кои, би се рекло, трпат за нашата желба да бидеме во фудбалот. Кога ќе се случи да бидам делегиран на еден меѓународен натпревар под капата на УЕФА јас повеќе од три дена отсуствувам од дома, од работа. За моја среќа, имам огромно разбирање од моето семејство и, секако, од фирмата во која сум вработен.

 

Освен што многупати досега сте ги суделе дербијата во македонскиот шампионат, финалиња на куповите и мечеви на кои се решавала титулата, многу често можеме да слушнеме дека сте главен арбитар на меч од Лигата на шампионите, Лигата на Европа или на квалификациски натпревари за Европско првенство или за Светско првенство.

Ставрев: Тоа е точно. Веќе неколку години сум прв судија и со највисок ранг од македонските судии во судиската организација на УЕФА, која ја води прославениот и можеби најдобриот судија во светот во историјата, Пјерлуиџи Колина. Големиот број судени меѓународни натпревари досега во кариерата ми овозможува да бидам во првата група главни судии и со тоа да можам да судам квалитетни натпревари од највисок ранг. Веќе петта сезона судам мечеви од двете најквалитетни фудбалски натпреварувања во Европа и можам да кажам дека здобив големо искуство. Освен мечевите од групната фаза во ЛШ и во ЛЕ јас редовно судам на завршниците од европските првенства за играчи до 17, 19 и до 21 година. Во Македонија, исто така, со досегашните мечеви што сум ги судел здобив огромна доверба да можам да ги судам и најтешките натпревари, како што се финалињата на националниот куп и дерби пресметките во кои неретко се решава и за титулата.

Aleksandar-Stavrev-sport193-5

Вашето деби како главен судија во ЛШ, би се рекло, и не можеше да се посака подобро. Ѝ судевте на Барселона на „Камп ноу“. Какво беше чувството да се излезе на најголемиот фудбалски стадион и да им се суди на големи фудбалски ѕвезди како што се Меси, Чави, Иниеста, Пике, Пујол?

Ставрев: Во минатото делегирањето на судии се вршеше многу порано пред почетокот на мечевите. Сега веќе не е така со цел да се избегнат сите можни малверзации од кои сака да се огради УЕФА. Добив информација дека ќе ѝ судам на Барселона во Лигата на шампионите во мечот против Викторија Плзен на два дена пред почетокот. Процедурата е таква што јас морам да бидам во градот каде што се одржува натпреварот еден ден пред тоа. Времето за подготовка беше кратко и немав многу време за размислување што и како ме очекува таму. Откако излегов на теренот тоа веќе е друга приказна. Не смее да се покаже ниту една емоција без разлика на кој стадион се игра и кои се актерите. Има премногу публика, ТВ-камери, фоторепортери, контролори, делегати и сѐ се снима, сѐ се следи. За да се добие добра оценка за суден меч не е само квалитетот на судењето во тие 90 минути. УЕФА не остава ништо на случајот. Многу фактори влијаат за рангирањето на судиите.

 

Според тоа што досега го гледаме од Вас, Вие одлично соработувате со Вашите помошници покрај аут-линијата и тие асистенти и дополнителни судии што се зад головите.

Ставрев: На почетокот на една сезона Фудбалската федерација на Македонија испраќа листи на главни и на помошни судии до судиската организација на УЕФА. Јас сум на таа листа каде што се наоѓаат главните судии, додека моите помошници се исклучително на листите за помошни судии и тие не се мешаат. Станува практика УЕФА да ги делегира истите судии конкретно од Македонија на секој меѓународен меч. Јас речиси секогаш судам со моите двајца асистенти Кировски и Костадинов, кои, исто така, ги делегира УЕФА, додека помошниците што можат да се менуваат, но најчесто се Јакимовски, Мечкаровски, Милошевски, ги одредува судиската организација на нашата федерација.

Aleksandar-Stavrev-sport193-2

Може ли да се направи паралела во квалитетот на фудбалот кај нас во однос на квалитетот на судењето, со најквалитетните европски лиги и нивните судии?

Ставрев: Неблагодарно е јас да го кажувам тоа, но општа констатација е дека квалитетот на судиите во наши рамки е повисок во однос на фудбалот што се игра овде. Многу е лесно да се направи паралела бидејќи нашите фудбалски екипи многу тешко можат да се натпреваруваат во некое елитно натпреварување, иако во последните години двете најсилни екипи во нашата држава, Вардар и Шкендија вложуваат многу и може да се случи и нив да ги видиме на некое големо натпреварување во групните фази на Лигата на шампионите или во Лигата на Европа. За разлика од клубовите, македонските судии се редовно делегирани и се рамо до рамо со елитната група европски судии што судат во најголемите натпреварувања и, секако, мечеви на репрезентациите во квалификации за Европско првенство и за Светско првенство.

 

Ова лето ќе имаме можност да го проследиме Европското првенство, како и олимпискиот турнир во Рио. Ќе ги гледаме ли македонските судии на една завршница ова лето или, можеби, во иднина?

Ставрев: За судење на Европското првенство за македонски судии можноста отпаѓа бидејќи веќе е составена листата на тие што ќе судат во Франција. Постои можност и, секако, и наша желба е да судиме натпревари на една завршница на големо натпреварување. Уште од јули почнуваме нов циклус на европски натпреварувања како што се квалификациите за групната фаза во ЛШ и во ЛЕ и, секако, квалификациите на репрезентациите за Светското првенство. Според тоа што досега сме суделе по бројот на натпревари и оценките што сме ги добиле, искрено, заедно со моите асистенти и помошници, се надеваме дека би можеле следната сезона да судиме и на мечеви од елиминациската фаза, па, можеби, да бидеме и дел од самата завршница.

Aleksandar-Stavrev-sport193-4

И за крај, какви се тренинзите и како течат подготовките на еден фудбалски судија?

Ставрев: За да бидеме максимално подготвени мора да тренираме секојдневно или барем пет дена во неделата. Добиваме конкретни инструкции за начинот на тренинг директно од УЕФА, кои мора доследно да ги спроведуваме. Двапати годишно одиме на тестирања, кои покрај проверка на физичката подготовка полагаме и тестови, анализираме натпревари и даваме свои мислења за некоја дадена ситуација, кои се оценуваат од највисоките судиски тела од УЕФА.

 

Разговараше: Бо­јан Мо­ми­ров­ски
Фото: Александар Ивановски
(Интервјуто со Александар Ставрев е објавено во 193. број на неделникот Република, 13.05.2016)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top