Изложбата „Кападокија отсликувања“ на академскиот сликар Симон Калајџиев е во тек во „Јавна соба“ и ќе трае до 25 мај. Цртежите изработени за време на неговиот престој во Кападокија се стилизирани пејзажи со акцент на уникатни карактеристики од тој предел.
Калајџиев е млад автор. Дипломира во 2009 година на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во класата на професорот Рубенс Корубин. Зад себе има пет самостојни изложби, а учествувал и на дванаесет групни претставувања во земјава и во странство. Омилена тема му е урбаниот пејзаж. Патувањата му се пасија, а пред една година имаше изложба со патописни фотографии од Јапонија. Тој повеќе години се интересира за јапонската култура и уметност, па дури го научил и јапонскиот јазик. Планира да го посети повторно тој регион, а во план му се и посети на Исланд и на Нов Зеланд и на егзотични острови како Џеџу. На такви места ме привлекуваат необичните географски обележја и ендемската флора и фауна, вели Калајџиев.
Во тек е Вашата изложба „Кападокија отсликувања“ во „Јавна соба“. Колку дела содржи изложбата и во кои техники се изработени?
КАЛАЈЏИЕВ: Изложбата се состои од деветнаесет дела изработени во повеќе техники, како темпера, акварел, акрил, восочни бои и сув пастел. Делата ги изработив за време на мојот престој на уметничка резиденција во културниот дом Бабајан во Кападокија, Турција. Изложените дела се дел од мојата серија стилизирани пејзажи на натрон хартија, со акцент на специфичните карактеристики на тој предел.
Колку време престојувавте во Кападокија? Што е тоа што ве фасцинираше таму? Зошто е Кападокија посебна?
КАЛАЈЏИЕВ: Кападокија е предел со неверојатен релјеф и со уникатно културно и историско наследство. Многу народи и култури живееле, се бореле и твореле на таа територија. Секоја геолошка епоха оставила свој белег во релјефот, а секоја историска епоха оставила свој слој во културното и материјално наследство. Додека се шетав се чувствував како да гледам дисекција на историјата. Подземните градови полни со древни стапици, тајните тунели што ги поврзуваат тврдините, замоците ископани во високи карпи, сето тоа наведе да се чувствувам како да сум влегол во некој фантастичен роман или филм. Интересни за мене беа многубројните пештерски цркви, особено тие декорирани во време на иконоборниот период (725-842 г. н.е.) украсени со прости, но разиграни геометриски цртежи со црвена линија. Тие му даваат уште една уникатна карактеристика на пределот и беа почетна инспирација во мојот обид да ја пресликам кападокиската атмосфера.
Дали патувањата Ве инспирираат?
КАЛАЈЏИЕВ: Патувањата секогаш биле значајна инспирација за уметниците, а некогаш и пресвтртна точка во нивото творештво. Кога патувам сум отворен за нови доживувања. Кога ќе видам нешто ново, непознато и возбудливо добивам желба да го преточам искуството во нова слика. Многу сакам да сликам и да цртам на отворено, на терен, но тоа не е секогаш изводливо. Затоа носам фотоапарат и собирам архива на фотографии со сите детали од некое место што ме интересираат, за подоцна, во моето ателје да ми користат како референција при сликањето на платно. За мене реалистичното пресликување на некоја глетка не е доволно, туку сакам преку стилизација да нагласам избрани карактеристики и да го пренесам чувството и доживувањето на возбудата од таа прошетка. Затоа некогаш употребувам послободен цртеж или, пак, необични и силни комбинации на бои.
Пред една година имавте изложба со патописни фотографии од Јапонија. Какви спомени носите од Јапонија?
КАЛАЈЏИЕВ: За јапонската култура и уметност се интересирам повеќе години, дури научив и јапонски јазик. Бев пресреќен што тоа што го видов таму многукратно ги надмина моите очекувања. За мене Токио е како забавен парк за сите возрасти и целогодишен саем за стрипови во едно. Ја посетив и Јужна Кореја, уште една чудесна земја на Истокот. Кога се вратив направив една серија слики на платно насловена „Градопис: глетки од Токио и од Сеул“, и две изложби на фотографии заедно со мојата сопруга Зорица Петкоска – Калајџиева насловени „Токио+“ и „Харт и Сеул“ (Heart & Seoul).
Според патувањата, се добива заклучок дека поголем впечаток Ви остава источната од западната култура. Западната, можеби, географски ни е поблизу, но што е тоа што Ве привлекува на Истокот?
КАЛАЈЏИЕВ: Различностите се привлекуваат, најпросто кажано. Далечниот исток за нас е нешто егзотично и во голема мера непознато. Различната традиција, историја и култура даваат сосема поинаква заднина на современиот живот таму. Тоа е регион што забрзано се развива под влијание на глобалните технологии, но останува поинаков. Ориентот се развива и се менува по сопствени текови, за нас сосема непредвидливи. Има многу нешта што може да ги научиме од нив, а и тие од нас. Мислам дека уметноста е најповолен двигател за културна размена, можеби затоа се ориентирав кон ориентализмот.
Вашата омилена тема е урбаниот пејзаж. Кои се следните дестинации што ќе ги посетите и ќе ги насликате?
КАЛАЈЏИЕВ: Планирам повторно да одам во Токио, па дури и да престојувам таму неколку години. Така ќе имам време да посетам повеќе градови од поширокиот регион, како Пекинг, Сингапур и Хонгконг. Имам многу пријатели и контакти таму и ќе ми биде задоволство да се претставам на тамошната сцена. Моите слики од Токио се интересни и за самите Јапонци, можеби зашто јас како странец го гледам тоа на што се навикнати од една свежа и несвојствена перспектива. Се разбира, ним ќе им биде мило и да видат дела со мотиви од нашата култура. Навистина урбаниот пејзаж е тема што најмногу ја сакам, но добивам инспирација и од природата. Сакам да ги посетам и Исланд и Нов Зеланд и егзотични острови како Џеџу. На такви места ме привлекуваат необичните географски обележја и ендемската флора и фауна.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Александар Ивановски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.