| четврток, 6 декември 2018 |

Нов премиер на Турција ќе биде Бинали Јилдирим

По Конгресот на АКП, се очекува веќе в понеделник Ердоган на Јилдирим да му го довери мандатот за формирање нова Влада, во која според некои турски медиуми, моќниот ресор за економија би можел да го преземе актуелниот министер за енергетика и зет на шефот на државата, Берат Албајрак

binali jildirim

Централниот управен совет на турската владејачка Партија на правдата и развојот (АКП) одржа седница на која требаше да го избере кандидатот за нов партиски лидер, кој по автоматизам ќе биде именуван и за нов премиер на Турција, јавија турските медиуми.

Советот донесе одлука да го предложи актуелниот министер за транспорт Бинали Јилдирим за единствен кандидат за нов партиски лидер, кој потоа ќе ја преземе и должноста премиер на Турција, јави телевизијата Си-Ен-Ен Турк.

Се очекува Јилдирим, кој важи за близок човек на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, официјално да биде избран за нов лидер на АКП на партискиот Конгрес закажан за в недела.

По Конгресот на АКП, се очекува веќе в понеделник Ердоган на Јилдирим да му го довери мандатот за формирање нова Влада, во која според некои турски медиуми, моќниот ресор за економија би можел да го преземе актуелниот министер за енергетика и зет на шефот на државата, Берат Албајрак.

Јилдирим на должноста лидер во АКП и на местото премиер треба да го наследи Ахмет Давутоглу, кој на почетокот на овој месец поднесе оставка на двете функции, поради несогласувања со претседателот Ердоган.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top