Иако има уште пет кола до завршување на сезоната во шпанската лига АСОБАЛ, Барселона синоќа математички стана старо-нов шампион. Предводени од македонскиот капитен Кире Лазаров, Каталонците го победија Адемар Леон со 37-27, и со тоа собраа точно 50 бода, 11 повеќе од второпласираната Ла Риоха, што и математички е недостижно во преостанатите пет рунди.
Лазаров беше прв стрелец на натпреварот со седум гола од девет обиди, од кои три од три од линијата за седум метри. Барселона ја најави победата и големото славје уште по првото полувреме кое го доби со 19-11. Впрочем, прославата почна со самото излегување на ракометарите на терен, бидејќи излегоа со пехарот освоен пред 10 дена, во Купот на Шпанија.
На крај му се израдуваа и на овој првенствениот, а капитенот Виктор Томас му препушти на голманот Даниел Шариќ да го крене, со оглед дека ова му е последна сезона во Барселона. Ова е пехар број 15 откако лигата ја организира АСОБАЛ (Асоцијата на ракометни клубови), а сметајќи ги трофеите претходно, Барса е рекордер со 23 шампионски наслови. Кире Лазаров, пак, продолжи да го надградува својот личен рекорд, со 51 пехар во кариерата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.