Од Министерството за внатрешни работи велат дека немало пожар во нивните канцеларии, ниту, пак, пријава за сличен настан.
Утринава порталот „Журнал“, повикувајќи се на свои извори, пренесе дека вработените на повисоките катови во зградата 1, таканаречена „министерска“, во кругот на Министерството ги вознемирила силна миризба на оган. Според порталот, откако излегле во ходниците вработените увиделе дека чадот излегува од канцеларијата на Владимир Пивоваров, еден од највисоките соработници на поранешниот министер од СДСМ, Оливер Спасовски. Загрижени влегле во канцеларијата и забележале дека гори хартија во корпа.
Според нивните неофицијални информации, наводно била повикана и внатрешна контрола за да се утврди што точно се уништува надвор од процедура. Уште синоќа, откако Собранието ја прифати оставката на Оливер Спасовски, неговите соработници почнале чудно да се однесуваат, пишува порталот. Биле забележани како изнесуваат ќеси од нивните канцеларии, по што си заминале со службените возила.
Од МВР за „Република“ потврдуваат дека нема ваква пријава.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.