Македонската етно-група „Синтезис“ ја воодушеви полната сала со синоќешниот концерт во рамки на неделата на македонската култура во Брисел што се одржа во Културниот центар на општината Етербек,. Во публиката беа и голем број претставници на дипломатскиот кор, македонски иселеници во Кралството Белгија и македонската министерка за култура Елизабета Канческа-Милевска.
Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, министерката Канческа-Милевска го отвори концертот на најпопуларниот етно-состав од Македонија, со порака до присутните дека настапот на групата „Синтезис“ е една од содржините со кои се одбележуваат Деновите на македонската култура во Брисел што започнаа со изложбата на традиционална македонски носии и накит во Министерството за надворешни работи на Фландрија.
– Вечерва ви го нудиме најубавото, исконското, непроценливото македонско фолклорно богатство, ви ја нудиме македонската распеана мелодија, македонскиот ритам илустриран со звукот на традиционалните инструменти, ви ја нудиме интерпретацијата на етно-групата „Синтезис“ која е еден од нашите најголеми културни амбасадори, истакна Канческа-Милевска на отворањето на концертот чиј домаќин беше градоначалникот на бриселската општина Етербек, Винсент Де Волф.
Тамбурата, зурлите, гајдите и тапаните како традиционални македонски музички инструменти потоа го наполнија со македонски звук просторот во срцето на Брисел, а гласовите на трите женски вокали на „Синтезис“ ги пленија срцата.
„Помолила Бога маца“,„Во наше село, чешма шарена“ и другите хитови ја креваа на нозе публиката во салата кои по час и половина концерт ги враќаа македонски музички амбасадори и на бис. По завршувањето на концертот се одржа свечен коктел на кој присутните можеа д ауживаат во традиционалната македонска храна и пијалоци, но и да другаруваат со министерката Канческа-Милевска и нивните нови миленици од групата „Синтезис“.
Во продолжение на оваа недела на македонската култура во Брисел за вечерва е закажана презентација на филмовите на Милчо Манчевски, „Пред дождот“ и на Светозар Ристовски, „Илузија“, со што Белгијците ќе имаат можност да го видат и ова големо филмско богатство на нашата земја.
Министерката за култура на Република Македонија, Елизабета Канческа-Милевска, пак, утрово од Брисел замина директно за Њујорк (САД), каде продолжува со интезивната меѓународна промоција на македонската култура.
Во најголемиот американски град, првата дама на македонската култура во соработка со магазинот „Археолоџикл“ ќе ја презентираат Македонија не само од културен, туку и од туристички аспект.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.