Еден од најдобрите кошаркари на сите времиња кај нас, Врбица Стефанов, од денеска и официјално е дел од стручниот штаб на репрезентацијата на Македонија, откако ја прифати понудата за соработка која пред извесно време ја доби од новиот селектор на жолто-цвените, Драган Раца.
За популарниот Врба ова ќе биде враќање во националната селекција по пауза од три години, со оглед на тоа што во периодот од 2011 до 2013 година ја извршуваше функцијата спортски директор. Тој ќе биде прв асистент на српскиот стратег, со кого уште ќе работат Гркот Јоанис Раптис, кој е стручњак за скаутинг, како и Италијанецот Џакомо Браида, кој ќе биде задолжен за физичката подготовка.
– Во разговорот со Раца заклучив дека имаме исти размилувања и ставови за многу работи поврзани со селекцијата што многу ми се допадна и што беше можеби клучно за прифаќањето на неговата понуда. Тоа што од него побарав неколку дена пред да му ја соопштам одлуката не беше за размиславање околу мојот ангажман во националниот тим, туку за да ги реорганизирам претходните лични ангажмани кои ги имав планирано, за комплетно да можам да се ставам на располагање на стручниот штаб – објави Стефанов на интернет-страницата на МКФ.
Поранешниот плејмејкер тренерската кариера ја почна во младинскиот погон на МЗТ Скопје, каде што минатата сезона извесен период мина и како прв тренер. Неговото враќање во репрезентацијата ќе значи и повторна соработка со Петар Наумоски, предводникот на македонската кошарка, со кого претходно играа во дресот на репрезентацијата. Нивните односи делумно беа нарушени откако лани беше сменет од позицијата селектор на младинската селекција, но враќањето на Стефанов дефинитивно значи нивно повторно зближување во интерес на макбаскетот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.