Вечерва, во Народниот театар во Благоевград ќе се одигра претставата „Последната ноќ“ од Ингмар Вилквист од Битолскиот театар во режија на Андреј Цветановски како дел од четвртиот интернационален театарски фестивал Тарарабумбиа – територија за млад театар.
Претставата, која е прво режисерско остварување на Цветановски во битолскиот театар, ќе се прикаже на големата сцена на реномираниот бугарски театар Никола Вапцаров Благоевград, а актерите во оваа камерна дуо-драма се Соња Михајлова и Маријан Ѓоргиевски.
– Оваа претстава е обид да покажеме што прави надворешниот свет врз домот на едно семејство, како домот се растура под стегите на тоа што се случува надвор. Една фамилијарна приказна која е фантастично напишана и иако е драма за двајца, сепак зборува за историјата на човештвото, едно парче живот во кој се случуваат големи потреси во надворешниот свет, а со тоа и во нивниот изолиран внатрешен свет. Психолошка драма, која ги напаѓа сите сетила и емоции. Нешто што ги разрушува и уништува сите тие работи што семејството ги гради. Приказна што зборува за поинакво семејство, понижувано смејство, кое успева до таа ноќ да го одржи својот мал, но значаен свет, вели режисерот Андреј Цветановски.
Авторскиот тим на претставата се Сергеј Светозарев како сценограф, Марта Дојчиновска како костимограф и Димитар Андоновски како композитор на оваа камерна претстава која својата премиера ја имаше на 14.10.2015 година.
Ова учество на меѓународен фестивал на Народниот театар од Битола во Бугарија се реализираше со поддршка од Министерството за култура, а претставата во јануари гостуваше и во Санкт Петерсбург во Руската Федерација.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.