Македонската филхармонија, на 18 и 19 мај, ќе гостува во Прилеп и во Битола, каде што под диригентство на маестро Борјан Цанев ќе се претстави со симфониски концерт наменет за најмладите. Оркестарот ќе настапи во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, односно во Центарот за култура во Битола, кога со почеток во 18 часот ќе ја изведе популарната оркестарска свита „Петре и волкот“.
Оркестарската свита „Петре и волкот“ е едно од најпознатите дела на рускиот композитор Сергеј Прокофјев и е неизоставен дел од репертоарот на сите симфониски оркестри, особено во театрите за деца. Свитата е напишана за наратор и оркестар, чии поединечни инструменти или групи на инструменти ги претставуваат ликовите во приказната. На тој начин, младите слушатели се запознаваат со составот на оркестарот.
И овојпат, наратор е миленикот на детската публика, актерот Мартин Јорданоски, кој ќе ги води децата низ авантурите на Петре.
Гостувањето на Македонската филхармонија во Прилеп и во Битола е дел од мисијата на оваа институција да влијае врз музичката едукација на младите и во другите градови во Македонија. Со претставата „Петре и волкот“, Македонската филхармонија неодамна гостуваше во Струга и во Гевгелија, каде настапи пред преполни сали, а концертите беа проследени со овации.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.