| четврток, 6 декември 2018 |

Итно хоспитализиран Ентони Киедис, откажани концертите на „Ред хот чили пеперс“

Американската рок група Red Hot Chili Peppers го откажа концертот во Ирвин, јужна Калифорнија, поради хоспитализацијата на пејачот Ентони Киедис, пишуваат во неделата медиумитe, објави „Макфакс“.

Концертот требаше да се одржи во рамките на музичкиот фестивал KROQ Weenie Roast, во саботата вечерта по локално време, пренесува телевизиската мрежа NBC News.

Басистот на бендот Фли ја соопшти веста за хоспитализирањето на својот 53-годишен колега на посетителите. „Ентони е на пат за болница во моментов, и ние нема да можеме да свириме оваа вечер“, вели Фли на видеото објавено на социјалните мрежи.

„Скршени сме поради тоа. Навистина сме тажни. Ние ја сакаме музиката, живееме за рокот. Но, за жал, нешто здравствено се случи и треба да се справиме со тоа“, порачува музичарот.

Досега не е објавено поради што Киедис е пренесен во болница.

Тапанарот на бендот, Чад Смит, на Twitter само објави дека посакува „брзо закрепнување на мојот брат Ентони“.

Red Hot Chili Peppers, формирани во 1983 година, се добитници на седум Греми награди, а влегоа и во Куќата на славните на рокенролот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top