Министерството за здравство набави и ипорача нов КТ симулатор за радиотерапија на Клиниката за радиотерапија и онкологија во Скопје. Неговата инсталација треба да заврши до крајот на јуни годинава, по што ќе биде достапен за пациентите. Вредноста на апаратот е 32,8 милиони денари.
Ова на денешната прес-конференција го соопшти министерот за здравство Никола Тодоров.
Со апаратот, како што појасни, се врши планирање на радиотерапијата, која претставува основа за модерната терапија. Вообичаено, на КТ симулаторот секој пациент поминува по еднаш, согласно досегашната динамика на апаратот поминуваа по околу 7 пациенти дневно, односно 35 неделно. Стариот еднослајсен симулатор се заменува со најсовремен 16-слајсен симулатор.
– Стариот апарат е во употреба над 12 години и ќе го префрлиме во Клиничката болница во Битола, каде ќе продолжи да функционира. На стариот апарат можеше да им се овозможат здравствени услуги на седум пациенти дневно, а на новиот апарат до 12. Тоа значи сериозно зголемување на капацитетот и бројот на пациенти, рече Тодоров.
Министерот за здравство потенцира дека ќе се зголеми и квалитетот на услугата.
– Во периодот од 2014 досега Министерство за здравство има вложено во набавка на нова и најсовремена опрема околу 15 милиони евра, рече Тодоров.
Директорот на Клиниката за онкологија радиотерапија и онкологија Милан Ристески посочи дека со новата апаратура ќе бидат побрзи и посигурни во маркирање и третман на малигните заболувања.
– За нас ова е огромен чекор, пред се за нашите пациентите, рече Ристески.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.