Роден: 10.1.1962 г. во Скопје
Образование: угледен професор
Хоби: Катица на улица
Политичка определба: хулиган
Интимна облека: СЈО маичка
Гордан Калајџиев, првенец на генерацијата, професор по казнено процесно право, еден од составувачите на законите кои ги прекршува, попознат како несудена Катица. Специјалното јавно обвинителство му се лизна од раце за влакно. Три месеци, вели, се подготвувал да стане Катица, добро размислил за сите згоди и незгоди, за сите притисоци и можни опструкции, но не размисли дека ќе извиси за функцијата за која се токми. И така, откако остана бричен нецеливан, фрли некој тежок збор за обвинителката и за бандата.
„Можеби сите оние кои беа вклучени во преговорите се задоволни, меѓутоа мислам дека јавноста не е многу среќна со кадровското решение. Мислам дека Јанева не е личност која околу себе ќе собере тим. Мислам дека таа не е подготвена да ја стави главата во торба. Сметам дека и тимот од обвинители како што е и случајот со изборот на специјалниот јавен обвинител ќе биде наметнат и дека целата работа ќе се сведе на тоа неколку ситни риби да бидат жртвени јагниња. Ќе бидат потрошени само пари без да биде постигната целта заради што и се избира специјалниот јавен обвинител. Ова не е специјален обвинител кој ќе се бори криминалниот октопод, со изворот на криминал и корупција.“
Професорот кој не стана специјален обвинител верува дека тој ќе беше подготвен за сево ова. Да ја стави главата во торба, да собере тим, да се избори со криминалниот октопод. Но, и самиот се изненади кога виде дека е подготвен да крене рака и на законите што го составува, законите на кои се темели правниот систем на државата. Никогаш не префрлал три пати на народна, па кога виде дека може толку далеку да ја фрли бомбата од летоците на Геро, беше изненаден, а и се развесели, па му се уарни. Велат луѓето пред камери се стегаат, непријатно им е, ама Гордан гајле нема, тој е сѐ на телевизии, особено откако не стана Катица. И откако реши да си игра Катица на улица. И така, удри мавај, црвено, зелено, како хулиганите, така и професорот, со неговите зборови речено се избламира човекот. А дека својот камен, пардон шарена бомба, најцрно пука од својата глава, може да се увери од прва рака.
„Наместо да се бламира подобро ќе беше да си поднесе оставка од функцијата. Она што е уште потрагично е што тој е професор по право, а самиот го крши правниот систем.“
Е да, професоре, за бламот се работи. И за кршењето на правниот систем. И за трагедијата дека професор по право. Но нејсе, чиј е бламот негова е и одговорноста. Туку, интимно за крај, маичка СЈО носиш под тогата?
Текстот е објавен во рубриката Личност на неделата во 191 број на неделникот Република на 29.4.2016 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.