Министерката за култура Елизабета Канческа- Милевска денеска во Брисел оствари билатерална средба со министерката за култура на Фландрија, Жок Шувлиеж. На средбата двете министерки разговараа за интензивирање на соработката во областа на културата меѓу двете земји.
Канческа-Милевска на средбата изрази благодарност за укажаната можност за претставување на македонската култура во Брисел и подвлече дека одржувањето на „Деновите на македонската култура“ претставува искрен придонес во културното запознавање и зближување меѓу македонската и белгиската публика.
На средбата беше иницирано потпишување на Меморандум за соработка во областа на културата во кој ќе бидат нотирани конкретни активности. Предложена е соработка преку реализација на проекти од музичката и галериската дејност, како и гостување на македонски уметници на фестивали во Брисел како и на белгиски уметници на фестивали во Република Македонија, како Охридско лето, Струшки вечери на поезијата.
Претходно министерката за култура се сретна со градоначалникот на Брисел Фреди Тилеман, кој го запозна со приоритетите на општините во Република Македонија во однос на културниот развој. На средбата беше разгледана и можноста за збратимување на градовите Брисел и Скопје, со што би се интензивирало нивото на комуникација и би се продлабочила соработката во сите области на културата.
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска ќе оствари билатерални средби и со генералниот администратор на „Валонија Брисел интернационал“, Филип Свинен и со градоначалникот на општината Етербек, Винсент де Волф.
Во Центарот за култура во Етербек вечерва концерт ќе одржи етногрупата „Синтезис“, а Деновите на македонската култура ќе завршат утревечер со проекција на македонските играни филмови: „Пред дождот“ на светски познатиот режисер Милчо Манчевски, кој се закити со „Златен лав“ на Венецискиот филмски фестивал и „Илузија“ на режисерот Светозар Ристовски, прогласен за најдобар филм на Меѓународниот филмски фестивал „Анкориџ“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Бегилските „жолти елеци“ со листа на барања кои ќе ги презентираат на протестот во сабота
-
Во Белгија нема повеќе место за нови баратели на азил
-
Почна снимањето на новиот филм на Манчевски: „Врба” е љубовен филм за денешни и дамнешни души (видео)
-
По пауза од девет години Милчо Манчевски снима во Македонија (видео)