Македонските параолимпијци екипно го освоија третото место и се закитија со бронзениот медал на Меѓународното првенство на Хановер, во дисциплината П3 (спортски пиштол од 25 метри).
По пауза од цели седум месеци, македонските параолимпијци се натпреваруваа во спортско стрелање со малокалибарски пиштол по она во Форт Бенинг, САД во ноември минатата година.
Сите тројца – Ванчо Каранфилов – 550, Оливера Наковска-Бикова – 549 и Бранимир Јовановски – 542 стрелаа над параолимписката норма. Медалот можеше да биде и сребрен, ама се случија неколку пехови.
На вториот матпреварувачки ден на Интернационалното првенство на Хановер во стрелаштво се стрелаше дисциплината малокалибарски пиштол, слободен избор, 50 метри. Во т.н. „кралска дисциплина” во спортско стрелаштво со пиштол, Оливера Наковска-Бикова во финалето го освои одличното шесто место во конкуренција на 35 натпреварувачи.
Покрај Оливера, стрелаше и Ванчо Каранфилов, но имаше слаб ден. Иако во оваа дисциплина освоил многу титули, погоди само 499 круга и заврши на 29. место во квалификациите.
Наковска-Бикова пукаше одлично и по основниот дел (во квалификациите) го освои 4-то место со одличен резултат од 534 круга, еден од нејзините најдобри во кариерата. Во финалето, по одличниот почеток, неколку послаби истрели ја симнаа до 6. место.
Денеска на програмата е дисциплината воздушен пиштол.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.