Контролор во битолската пошта бил откриен како ги зема пензиите на тројца починати. Пред да го фатат успеал да присвои околу 500 евра. Претходно им ги земал пензиите и на граѓани што се иселени од државава. Тука заработил повеќе од 4.000 евра
СВР Битола поднесе посебен извештај за М.К.(37) од Битола, контролор во Македонска пошта, подружница Битола, за кривични дела злоупотреба на службената положба и овластување и посебни случаи на фалсификување исправа.
Во текот на декември 2012 година и јануари-февруари 2013 година, пријавениот три пати своерачно потпишал и реализирал три пензиски чека на три лица од Битола иако знаел дека чековите се вратени од поштенскиот доставувач бидејќи лицата биле починати. На тој начин пријавениот се стекнал со противправна имотна корист од околу 32.275 денари.
Истиот контролор во текот на декември 2012 година и јануари и март 2013 година петпати своерачно се потпишал и реализирал пензиски чекови на четири лица од општина Ресен и три лица од Битола, за кои знаел дека не се во Македонија, со што се стекнал со противправна имотна корист во износ од 248.725 денари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.