| четврток, 6 декември 2018 |

Грчки лобист во Канада контра претседателот Иванов

Грчката дијаспора во Канада успеа не само да залаже дел од канадските, туку и да влијае врз дел од македонските медиуми кои го пренесоа написот објавен на канадскиот „Нешнел пост“ – „Претседателот на Македонија ја посети Канада, никој не го забележи“. 

Текстот е објавен од  новинарот Тристин Хупер, кој во Канада меѓу македонската дијаспора важи за еден од најотворените поддржувачи на грчката заедница во оваа земја и човек што бил против признавање на уставното име на Македонија од страна на Владата во Отава пред пет години. Авторот на текстот, всушност, е во блиски односи со претседателот на  Советот на грчката заедница во Отава, а има блиски релации и со грчките новинари во Канада и во САД.

 Дека се работи за тенденциозен напис по нарачка на влијателното грчко лоби, а на сметка на претседателот Иванов и македонските државни интереси, сведочат и статиите објавени во низа канадски медиуми, кои известуваа за активностите на македонскиот претседател во Торонто и во Отава, и ги демантираат тезите на прогрчки настроениот новинар дека посетата на Иванов поминала незабележително.

 „Дејли њуз“, на пример, пишува за предавањето кое го одржа Иванов на универзитетот „Мек-мастер“ и за Меморандумот за разбирање потпишан меѓу канадскиот универзитет и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

Дел од медиумите известија и за гала-вечерта што се одржа по повод 50-годишнината од првата македонска црква, каде што добредојде на Иванов му посака и премиерот на Онтарио, Кејтлин Вин. Понатаму, се пишува и за средбите со претседателите на двата дома на канадскиот парламент, кои се исклучително влијателни во канадската политика. Забележани со фотографии од канадската јавност беа и 130 тома македонска книжевност, подарени на универзитетот „Карлитон“.

Пишувањето на грчкиот лобист, и покрај лесната можност да се проверат неговите тези, без проверка беа преземени од голем број македонски медиуми. Со тоа тие самите придонесоа за нарушување на кредибилитетот на Република Македонија на меѓународната сцена и за дискредитирање на македонската заедница во Канада.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top