Дваесет и пет најдобри студенти во завршна година од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје, Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово и од Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип од 20 до 23 мај ќе престојуваат во Барселона на трошок на Министерството за образование и наука.
Тие ќе ја искористат новата стимулативна мерка и се избрани на првиот конкурс на МОН за наградно патување за студентите со просек од најмалку 9.5 од првите три пласирани универзити на националното рангирање.
Заменик-министерот за образование и наука, Спиро Ристовски, на прес-конференција соопшти дека на јавниот повик аплицирале 132 студента, а 25 ги исполнувале условите наведени во конкурсот според мешовитата комисија.
Секој од нив ја избрал Барселона за дестинација (покрај која беа понудени и Париз и Венеција) и сите тие од двата понудени периоди (мај или октомври) го избрале овој месец за наградното патување.
– Трошоците за сместување, храна и авионски превоз ќе бидат во целост покриени од Министерството за образование и наука за што МОН веќе и потпиша договор со агенција која ќе го реализира патувањето од 20 мај до враќањето на 23 мај. Исклучително ми е драго што оваа мерка предизвика значаен интерес кај студентите, што се виде и од пристигнатите апликации – рече Ристовски.
Оваа мерка, додаде тој, ќе продолжи во наредната година, а со оглед на тоа дека оваа година ќе се спроведе второто национално рангирање на македонските универзитети од страна на шангајскиот Универзитет Џао Тонг, се очекува дека наредниот пат ваква можност ќе имаат и најдобрите студенти од други универзитети во земјава.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.