Кризата која предолго тлее во Македонија првенствено требаше да биде решена со договорот Пржино, кој лани го потпишаа лидерите на 4-те политички партии. Пржинскиот договор предвидуваше одржување на избори на 24 април. Одржувањето на предвремените парламентарни избори, за решавање на кризата се откажа поради деструктивните политики на СДСМ, кои само ја продлабочуваат истата. Истите беше договорено да се пролонгираат за 5 јуни.
Врвен интерес е излегување од кризата преку одржување на избори на кои граѓаните би одлучиле кому ќе му ја дадат довербата за да ја води Македонија, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
-Ова е приоритет и на ВМРО ДПМНЕ. За жал, заради паничниот страв на СДСМ од немањето поддршка за нивните деструктивни политики, предвремените парламентарни избори еднаш веќе се откажаа. Со тоа СДСМ се промовираше во единствената опозициска партија во светот која бега и се плаши од избори, тврдат од ВМРО-ДПМНЕ и додаваат дека остануваат на својот став дека аболицијата на Претседателот Иванов не е во согласност со политиките на партијата бидејќи секој што сторил криминал за тоа ќе мора да одговара.
-На Македонија и се неопходни демократски промени коишто ќе се случат на слободни, фер и регуларни избори, со прочистен избирачки список, реформи во медиумите и одвојување на партијата од државата, велат од СДСМ.
Од Мала Речица велат дека се подготвени да го прифатат било кое решение кое ќе биде постигнато со консензус.
-Разговорите за изнаоѓање на решение продолжуваат. Ние остануваме на ставот дека било кое решение, вклучувајќи ги и изборите треба да биде прифатливо за сите партии потписнички на скопскиот договор, вели Бујар Османи од ДУИ.
Во ДПА владее молк. Обидите да добиеме став од партијата на Тачи останаа без успех.
Ова е втор обид за одржување на лидерска средба во последните неколку недели. Последниот пропадна кога СДСМ одби да се појави на разговорите закажани од еврокомесарот Хан во Виена.
Од друга страна Државната изборна комисија е јасна: Избирачкиот список е реален и во него нема фантомски гласачи, согласни се и Прекопуца и Јакупи.
ДУИ ја менува плочата
Партијата на Ахмети подлегнала под притисокот и на последните состаноци се повеќе ретерирале од цврстите ветувања кои неодамна ги даде лидерот околу изборите на 5 јуни, дознава Press24 од извори упатени во преговорите.
Во таа насока и политичкиот аналитичар Владимир Божиновски, вчера изјави дека во СДСМ се свесни за тоа како партијата поминува меѓу граѓаните и дека ако имаа подобар рејтинг тие ќе излезеа на избори и во април.
Неофицијално ставот на “интегративците” оди на линија на тоа дека е подобро кризата да се пролонгира отколку да се ризикува со нејзино продлабочување.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.