Самиот збор „револуција“ подразбира коренит пресврт во општеството, кој најчесто е проследен со насилства. Судејќи по начинот на кој Заев и чадорот се обидуваат да ја сменат власта, „шарената револуција“ во овој дел целосно го оправдува името. Истите тие револуции најчесто со себе носат големи промени во структурата на моќта кои резултираат со ново институционално насилство преку чистки на неистомисленици. Начинот на однесување на министрите од СДСМ, но и заканите на Заев, кој се фалеше дека ќе јаде живи луѓе, покажуваат дека сценариото за насилно менување на власта ја предвидува и оваа револуционерна фаза. Сепак, вистинските револуции освен насилството, во себе носат идеја, имаат силни слогани и маркантни водачи кои остануваат запаметени уште долго време по завршувањето на револуцијата. Во овој дел домашните револуционери целосно потфрлаат. Наместо по идеите и по водачот, ќе останат запаметени по апсурдите за кои може да се пишува до недоглед, но ќе издвојам само неколку:
1
Секоја вистинска револуција има свој водач – лик кој е олицетворение на граѓанскиот протест. Тој е почитуван и возвишуван од револуционерите, т.е. од народот, токму поради неговите атрибути на чесност и храброст. Кај нас, самите револуционери се срамат да се идентификуваат со ликот на двапати помилуваниот Зоран Заев, па затоа како организатор се јавува непостојната „Протестирам“, а демонстрантите на улица наместо својот водач, креваат чадори. Сите се свесни дека Заев ни приближно нема капацитет да води држава и дека СДСМ со ова раководство е целосно неспособен да спроведе какви било реформи со кои би ја подобриле ситуацијата во судството, во медиумите, во јавната администрација, а уште помалку во економијата… Затоа и лидерот на опозицијата се плаши да истапи како водач на револуцијата. Свесен е дека во моментот кога ќе се произнесе како водач, зад него ќе останат само неспособното раководство на СДСМ и платениците на Сорос (сѐ додека добро ги плаќаат).
2
Револуционерите без водач, „спонтано“ скандираат „Нема правда, нема мир“, алудирајќи дека се борат за правда за секој. Но и правдата што ја бараат е со голем фелер. Барањето истрага и докажување на вина за лица од власта е прифатливо без поговор, но да протестираш против селективна правда, а истовремено да молчиш пред куп докази против Заев и против Верушевски, е глупаво, лицемерно и неправедно. Тоа што уште повеќе ме зачудува е зошто на тие слободоумни не им текнува да побараат малку правда и за себе? Не слушнав дека бараат одговор од СЈО дали и тие самите биле прислушувани? Бараат ли одговор од Катица и од Заев каде се уште 500.000 разговори? Бараат ли од специјалната одговор дали извршила претрес кај Заев и кај неговите соработници? Бараат ли воопшто правда за обичните граѓани – за оние уценуваните со нелегално прислушуваните разговори од криминалните структури блиски на Заев?
3
Револуционерите бараат оставки и крај на владеењето на оваа власт, но за жива глава не прифаќаат избори. Тврдат дека со државата владее режим, но не им пречи да продолжат да живеат под такви услови. Уште повеќе, одложувањето на изборите на 5 јуни се подготвени да го слават како голема победа на револуцијата! За некој однадвор е апсурдно, но за сите нас тука многу логично. Образложението е едноставно – целата опозиција е свесна дека реалната поддршка кај народот е на ужасно ниско ниво и дека на следните избори ќе го доживеат убедливо најголемиот изборен пораз. Кога и да се одржат. Вистинската борба на револуционерите се сведува на обезбедување власт за СДСМ преку заобиколување на народната волја.
4
Ако се противат на селективна правда и во исто време ја поддржуваат, ако во исто време бараат промена на власта и се против избори, ако бараат департизација на администрацијата, а не се противат на полнењето на министерствата со опозициски партиски војници, ако го убедуваат народот дека ќе биде подобро, а не кажуваат како, не е ни чудно што народот сѐ помалку им верува и сѐ повеќе е убеден дека револуцијата е безидејна како и самата опозиција. Најмените платеници од странство не им помогнаа многу во освестувањето на народот, ниту, пак, успеаја да ја разбудат креативноста на опозицијата за да подготви некаква изборна програма. Единствено уникатно обележје на „шарените револуционери“ е колективниот велигденски распуст.
5
Покрај сето горенаведено, за успех на една револуција пресудна е поддршката од народот. Ниту една амбасада, ниту еден дипломат, ниту една разузнавачка служба, ниту еден странски или домашен шпион не може да спроведе сценарио за насилно уривање на власта без поддршка од маса народ. Токму тоа за чадорот и за опозицијата е невозможна мисија. И тоа опасно ги фрустрира. А причината зошто никогаш нема да ја добијат наклонетоста на граѓаните, е едноставна. Македонскиот народ секогаш тежнеел сам да се избори за своите права затоа што пријателската помош секогаш скапо го чинела. Така да, колку и пари да се фрлат од надвор за оваа шарена револуција, кај народот нема да пројде затоа што Македонија нема цена.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Заев: Размислуваме за законска измена за справување со кучињата
-
Заев: Македонско-грчката комисија ќе почне да работи откако ќе се ратификува Договорот од Преспа во двете земји
-
Помирување, со цел промена на името и Уставот на Република Македонија, не е прифатливо
-
Ја турка ли СДСМ државата во меѓународен блам?