| четврток, 6 декември 2018 |

Џејсон Мико почесен конзул на Македонија во Тусон, Аризона

Miko(1)

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов во американскиот град Тусон, во сојузната држава Аризона, го отвори почесниот конзулат на Македонија. Титулата почесен конзул во овој индустриски град на крајниот југ на САД му припадна на долгогодишниот активист за правата на Македонија, Џејсон Мико.

Мико е поранешен близок соработник на претседателот Борис Трајковски, застапувач на Македонија во Вашингтон, колумнист во „Дневник“ и еден од авторите на филмот „Името е име“ со кој на странската публика ѝ се претставуваат македонските ставови за спорот за името со Грција.

– Џејсон Мико е еден од многубројните Американци што доаѓаат во Македонија да ни помогнат. Односите меѓу Македонија и САД не се само пријателски, тоа се партнерски односи. Навистина сме благодарни за сето тоа што Соединетите Американски Држави, државата Аризона и Џејсон Мико го прават за Македонија. За соработката со неговиот голем пријател, и мој пријател, претседателот Трајковски. Затоа сме заедно во сите мировни операции, и во Ирак, и во Авганистан, и секаде каде што сме повикани – изјави претседателот Иванов на свеченоста по повод отворањето на конзулатот.

Мико кратко ја претстави Македонија како земја од која многумина можат да учат за толеранцијата и за пријателството и држава која спроведува економски реформи за да обезбеди просперитет за своите граѓани.

– Мислам дека божјото провидение ме испрати во Македонија и не можам да не го спомнам мојот омилен цитат од Библијата – среде ноќта апостол Павле имаше визија од човек од Македонија, кој го повика, дојди во Македонија и помогни ни. Македонците секако сакаат да дојдете кај нив, да ги посетите. Како почесен конзул, ќе барам начини како подобро да ја промовираме Македонија тука, во Аризона – изјави Мико.

Амбасадорот на Македонија во САД, Зоран Јолевски, во своето обраќање се присети на соработката со Мико, во кабинетот на покојниот претседател Борис Трајковски.

– Со своите ставови за многу прашања, Џејсон Мико си обезбеди посебно место кај голем број Македонци. Затоа, наша голема чест беше да му понудиме да биде македонски почесен конзул во Аризона и горди сме што ќе ја претставува нашата земја – истакна Јолевски.

На отворањето на конзулатот беа присутни и претставници на македонската заедница во Аризона, како и на властите на оваа американска сојузна држава. Седиштето на конзулатот ќе биде во „Расел паблик“, компанија од областа на односи со јавноста.

Претседателот Иванов ја продолжува посетата на САД, со престој во Феникс, каде што ќе одржи предавање на државниот универзитет на Аризона и ќе го посети градот Темпе, збратимен град на Скопје, кој е центар на соработката меѓу двете земји во овој дел на САД.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top